По Стејт Департментот и Европската унија со забелешки за правосудството

По Извештајот на САД, и од Европа сериозна забелешка за правосудството. Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека реформите во правосудството со кои ќе се обезбеди владеење на правото е тековен процес што мора да се движи напред. На евроамбасадорот му е добро познато дека секој граѓанин знае дека има слабости кои мора брзо да се решава, а ги охрабрува институциите да делуваат.

„Како што знаете Европската Комисија секоја година има извештај за земјата која го следи напредокот преку граница во областа на реформите поврзани со ЕУ и природно ова длабински го разгледува прашањето за реформите во правосудството и владеењето на правото бидејќи е суштински елемент во пристапниот процес. Токму затоа го следиме развојот во секоја фаза од самото отварање на преговорите до приклучувањето на земјата“, рече Дејвид Гир, евроамбасадор.

Додека Европа забележува слабости, ни трага ни глас од црната листа на САД ниту од тимот на американските истражители коишто требаше да истражат владина корупција во земјава. Поминаа месеци откако американската амбасадорка Анџела Агелер го најави тричлениот тим од Америка што на крајот на ланската година беше во Скопје и ги ажурираше податоците за кроењето на црната листа, но засега нема ништо од тоа. Амбасадорката Агелер овој месец најави едно до две имиња што ќе се најдат на листата во наредните месеци, а Вашингтон внимателно проверува за да не се најде име кое не ги заслужува санкциите на САД.

Официјален Вашингтон потготви извештај за минатата година за Македонија во кој наведува владина корупција, влијание врз судството, насилство врз новинари и кон припадници на лгбт заедницата како и невечко постапување во затворите.

Покрај корупцијата, според извештајот царува и неказнивоста на државата кон насилниците во семејните домови, а и дискриминација на жените во економијата. За слободното изразување на новинарите извештајот нотира напади врз новинари, а за Ромите забележува нивно издавање на непостоечки матични броеви со кои тие се дискриминирани пред институциите.

Врховниот суд со реакција за извештајот, бара првостепените судови да ги објавуваат неправосилните одлуки за предмети од јавен интерес со цел зголемување на транспарентноста. Освен највисокиот суд, сите  правосудни институции молчат во однос на забелешките на извештајот.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста