По синоќешната егзекуција во старата скопска чаршија, ниту трага ниту глас од убијците

Петмината убијци биле професионалци од Косово кои влегле во Македонија со единствена цел – ликвидација на Жила и нему блиски луѓе, е една од теориите кои, како што дознава Алфа, се разгледуваат како можно сценарио за расветлување на синоќешната свирепа егзекуција во центарот на Скопје. Полицијата засега, официјално, нема никаква информации за нивниот идентитет и за тоа дали ја напуштиле државата.

За разлика од убијците, двајцата убиени, Јетон Кривањева алијас „Жила“ и Енес Исеини за јавноста се добро познати како нарко-босови и големи играчи во криминалното подземје. Кривањева се поврзуваше и со пукањето во Александар Палас во 2019-та година каде исто така наводно тој бил мета. Во инцидентот во хотелот тогаш беше и познатиот криминалец Камер Идризи, кој ја преживеа престрелката, но беше убиен по две години. Кривањева кој јавноста го знае како нарко-бос, може да се види на фотографии со спикерот Талат Џафери, но и контроверзниот косовски екс-лидер на УЧК Рамуш Харадинај. Неофицијално, Жила бил близок и со луѓе на франкцијата во ДУИ.

  • Двајца мртви, неколкумина повредени, 50-тина полицијаци уште најмалку дупло повеќе роднини и блиски на убиените. Утрината мирно во старата скопска чаршија како да не се случила синоќешната вооружена пресметка“.

Како на сцена од акционен филм, пет лица со фантомки на главите влегле во локалот во Старата скопска чаршија, откако ги нашле двете мети на вториот кат им пукале во главата по што се дале во бегство со „Ауди А6“. Само 20-тина минути откако била пријавена пукотницата, возилото со кое избегале било пронајдено запалено.

  • Сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од лице место во угостителскиот објект во кој се случи настанот се предадени на вештачење. Обезбедени се снимки од видео надзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот „Безбеден град“, кои детално ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица кои би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“ велат од ОЈО.

Од полицијата но и од болница потврдија само за еден ранет 34 годишен Скопјанец со престрелни рани во нозете, но очивидци тврдат дека имало повеќемина повредени за кои досега ниту се демантира ниту има потврда.

  • „Едно лице со две прострелни рани е донесено во клиниката синоќа во 20.15 часот со приватно возило. Констатирана му е прострелна рана во пределот на левото стапало и поголема рана во пределот на десната потколеница, а по укажаната лекарска помош е пуштено на домашно лекување“ велат за МИА од клиниката.

Од центарот на Скопје истражните органи се префрлија на собирање докази и од изгореното ауди кој претходно бил полиен со бензин.

  • Во текот на ноќта, беше обезбедена уште една локација на патот кон Горно Оризари, каде беше пронајдено опожарено возило „ауди“. По насоки на јавниот обвинител денеска увидни екипи на МВР вршат детален увид и преглед на таа локација, а сите прибрани траги и докази исто така ќе бидат предмет на вештачење соопштија од Обвинителството.

Ова не е прво убиство во Скопје кое се поврзува со организирани криминални групи и кланови, а за кои јавноста тврди дека се дел од врската со политичките елити од власта.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста