По сестрата во државно вработена и сопругата на Бектеши: Со амин од Бесими плата од државниот буџет ќе добива Улка Каба Бектеши

Со амин од Фатмир Бесими, државна плата ќе добива сопругата на министерот за економија Крешник Бектеши. Од пред два дена Улка Каба Бектеши е вработена во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, институција под директна ингеренција на Владата, во која министер е нејзиниот сопруг. Вработувањето со потпис на директорот Еран Куртиш, доаѓа откако претходно согласност за нејзината плата дал сопартиецот на Бектеши, министерот за финансии Бесими.

-Улка Каба Бектеши се избира на предложената ранг листа на кандидати за вработување на административен службеник во Агенцијата за остварување на правата на заедниците, за работно место Виш соработник за изготвување проекти во Одделението за управување со проекти и соработка со меѓународни и граѓански организации, пишува во одлуката за вработување.

Сопругата не е прв државно вработен во семејството на Бектеши. Пред речиси четири години во правната служба во МЕПСО се вработи неговата сестра Влора Бектеши. Тогаш министерот порача дека таа била мажена, па не било ништо спорно што е вработена во државната компанија позната по натпросечно високите плати.

-Но тоа не значи дека мојата сестра или моите роднини немаат право да конкурираат по јавни огласи во Република Македонија, само дека се мои роднини. И моментално мојата сестра не живее со мене и има свој живот, таа е мажена и секако дека и таа сака да најде работно место, изјави Бектеши на 06.02.2019-та година.  

Останува да видиме дали овој случај со сопругата на Бектеши, ќе ја заинтересира вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска. Таа претходно побара објаснување од Артан Груби, зошто отишол со службено возило на партиски настан, но објаснувањето се уште го нема.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста