По потреба пријатели, по потреба маргиналци: Порано Каракачанов и Џамабски беа пријатели за власта

За Османи обичните луѓе од Македонија му обезбедуваат влез на Ангел Џамбаски во Европскиот парламент, иако тој таму е веќе осум години. За министерот за надворешни работи, проблем било што граѓаните реагираат на провокациите дека Македонија била бугарска, Македонците- Бугари, македонскиот јазик бугарски, а границите на Бугарија биле од Црното море до Охрид. Револтот кај обичните луѓе според него направиле ѕвезда од Џамбаски, па му обезбедиле нов мандат на Европарламентот.

Сепак, ако се погледнат потезите на македонските политички чинители минативе години, јасно е дека тие што сега се според нив маргиналци, претходно  беа ѕвезди и пријатели со кои со задоволство остваруваа редовни средби.

Еден од нив е претходникот на Џамбаски во ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, за кој не треба многу да говориме какви ставови има во однос на Македонија. Тој како министер за одбрана на Бугарија со сите почести беше пречекан во Скопје, од страна на поранешната министерка на македонската одбрана Радмила Шекеринска.

-Денеска ми беше навистина задоволство што во официјална посета на Република Македонија претстојува мојот колега господинот Каракачанов, министер за одбрана и заменик претседател на Владата на Република Бугарија, порача Шекеринска.

Своевремено и Џамбаски беше пријател за македонската власт. Тој пред пет години дури изјавуваше дека членството на Македонија во Европската унија е главната цел на Бугарија при нејзеното претседавање со ЕУ.

-Ние треба да ги разделиме за нас поважните страни, а тие се без сомнение Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, потоа останува БиХ каде што ќе има големи проблеми поради политиката на Србија и самата Србија, велеше Џамбаски.

Очигледно одредени политичари прво се пријатели, а потоа по потреба за владините функционери стануваат маргиналци. Таков е примерот и со уште еден бугарски европратеник Мартин Ковачев, кој во однос на Македонија има слични ставови со Каракачанов и Џамбаски. Пред три години министерот за надворешни работи со гордост објавуваше фотографии со Ковачев, фалејќи се дека работеле за европската иднина на државава.

-Единствен начин за надминување на сите разлики е преку интензивна комуникација и преку спроведување на обврските од потпишаниот договор. Договорот за добрососедство останува единствениот мост на комуникација кој што ќе овозможи надминување на сите разлики, но и трасирање на патот кон ЕУ, велеше Османи.

Како пораснаа бугарските апетити и пожестоката реторика од официјална Софија, така се сменија и ставовите на македонските функционери, па од пријатели на Македонија тие станале маргиналци, на кои славата им ја враќале обичните луѓе.  

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста