По најавата за ограничени цени – ќе ги снема ли млечните произвои од рафтовите?!

Владата се уште размислува дали да ги замрзне цените и на други основни производи, пред се млекото, маслото, шеќерот. Дел од производителите предупредуваат дека и досега работеле со загуби и велат дека доколку се донесе избрзана мерка може да се јави недостаток на други производи како што беше случајот со лебот.

Ќе го снема ли и сирењето, кашкавалот, но и тестенините и маслото од рафтовите на маркетите?! Иако граѓаните со душа чекаат да купат поевтино, тоа е проблем за стопанството. По замрзнувањето на цената на лебот, во најава е и ограничување на цените на други производи меѓу кои и дел од млечните производи, што за компаниите од оваа индустрија претставува дополнителен проблем. Според млекопроизводителите, евентуалното замрзнување на цените ќе биде голем предизвик за млекарската индустрија, која и до сега работи со огромни загуби поради скапите енергенси.

  • „Замрзнувањето на цените на млечните произвоиди ќе биде голем предизвик да се издржи, поради најавениот пораст на платата, нестабилната откупна цена на млекото и најавите за укинување на субвенционираната струја. Сепак мора да работиме, што ќе се случи останува да видиме, но трошоците од ден во ден растат се повеќе, а ние работиме со загуби,“ вели во изјава за Алфа, Марина Манева, млекопроизводител.

Ограничената маржа на млечните производи на 10%, скапата индустриска струја и нафтата придонесоа дополнителен пад на цените на млечните производи, додаваат млекопроизводителите.

Ако се направи обиколка низ продавниците, во просек килограм кашкавал  се продава од 400 до дури 1.000 денари, килограм сирење оди од 300 до 500 денари, во зависност од производителот, литар млекото нема под 70 денари, а слична е и цената на јогуртот. Половина килограм шпагети ако до пред година дена се продаваа под 50 денари, сега тие надминаа 70 денари.

Дека ќе има казни ако се утврди прекршување на одлуката најави и директорот на Пазарниот инспекторат, Горан Трајковски.

–  Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, затоа апелирам да се почитуваат одлуките, а ние, како институција, и понатаму сме на терен да ја следиме состојбата и да постапуваме при евентуални прекршувања на законските одредби, објави Трајковски.

Според државната статистика, млекото, сирењето и јајцата во декември лани, во споредба со истиот месец 2021, биле посапи за дури 40%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста