По вкус на Бугарија: Македонската власт сака да ги израмни Македонците и Бугарите во македонскиот Устав

Македонската власт сака да промени историска вистина и да ги израмни Бугарите со Македонците во македонскиот Устав. Со уставните измени кои по секоја цена се обидуваат да ги протуркаат владејачките партнери СДСМ и ДУИ, бугарскиот народ ќе добие ист статус како македонскиот, во Преамбулата на Уставот, предупредува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Опозицијата јасно порача дека нема да дозволи Бугарите да станат конститутивен народ во Македонија, а и дека воопшто нема да дозволат отворање на Уставот без распишување предвремени парламентарни избори.

-Доколку се прифати ова што го предлагаат СДСМ и ДУИ, македонскиот народ ќе биде скоро израмнет со бугарскиот народ, што е цел на Бугарите. Затоа што во постојната Преамбула во Македонија пишува граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, српскиот народ, влашкиот народ и ромскиот народ ја формираат Република Македонија, што значи дека ако се додаде бугарскиот народ, тој ќе е конститувен елемент на Македонија, што е спротивно на историјата и реалноста, изјави Николоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ јасно порачаа дека за нив единствено прифатливо е промена на Уставот според хрватскиот модел, се друго никако нема да го помине филтерот на опозицијата.

-Имавме предлог кој што власта го одби, а се однесуваше на измена на Уставот по теркот на хрватскиот модел и гледаме дека претставнциите на власта мудро молчат, иако тие беа првите кои го предложија таквиот модел. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во ваквата процедура за отворање на Уставот во овој пратенички состав, без претходни избори, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова.  

Сепак власта останува цврста на својот став дека уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот мора да поминат, иако и самиот премиер порача дека тоа нема да ни бидат последните уставни измени на патот кон Европската Унија.

-Ова не се последни уставни измени, ова не се последни, бидејќи и пред влегувањето во ЕУ има уставни измени, кога се даваат дел од надлежностите на ЕУ, како што тоа го направила секоја држава. Ова не е последното двотретинско гласање на патот кон ЕУ, пред нас имаме врз основа на скрининг извештаите кои ќе ги добиеме реформа на правосудството, за тоа треба две третини, реформа на Обвинителството, за тоа се потребни две третини, изјави Ковачевски.

Внесувањето на Бугарите, може и да не бидат единствените измени кои ќе се случат при евентуалното отворање на Уставот. Дел од албанските партии условуваат поддршка за уставните измени, со бришење на 20 проценти за вториот официјален јазик, односно впишување албански јазик, со што дефакто тој целосно би се израмнил со македонскиот во македонскиот Устав.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста