Потрошени 58 милиони евра само за камати и провизии за патишта и пруги што ги нема

Се земале кредити, се зголемиле трошоците, а патиштата и пругите никаде ги нема. Ова го констатираше државната ревизија по анализата на 11 инфраструктурни проекти. Ревизорите утврдиле дека државата енормно се задолжила за да ги заврши, искористила дел од парите, а сликата на терен покажува или застој или бавна динамика на градење. За разни камати, провизии и казни за неповлечени средства се потрошиле дури 58 милиони евра.

Убедливо најпоразувачки се податоците за изградбата на автопатот Кичево – Охрид. И по 5 анекси на основниот договор, сумата само порасна, роковите беа продолжени, а на крајот на изградбата не и се гледа крајот. За негово завршување, беа позајмени 685 милиони долари, досега повлечени се 383 милиони долари, а притоа биле направени разни трошоци од дури 38,6 милиони долари.

Втора со најкатастрофална реализација е Програмата за национални патишта.За да се подобри патната инфраструктура биле позајмени 180 милиони евра, од кои се повлечени 90 милиони, а направените трошоци се 7 милиони евра. Најголем дел од патиштата кои се реализираат преку ЈП за државни патишта, се почнати во периодот 2014-2016 година, но ревизорите утврдиле дека компанијата нема доволно средства, што доведува до  неиизвесност на изградбата.

„Тие имаат бавна динамика на реализација, која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување договори со изведувачи од различни причини, започнуваше постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација што го блокира ефикасното решавање на експропријацијата“ – се наведува во извештајот.

Трет проект според бавната реализација е реконструкција на пругата Бељаковце – Криза Паланка или втората фаза од железницата кон Бугарија. Од земените 145 милиони евра од ЕБОР, биле повлечени само 10% од парите, па затоа трошоците енормно се зголемиле. 6 и пол  милиони евра изнесуваат непредвидените трошоци поради доцнењето со изградбата.

„Проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура се отпочнати во периодот 2012-2014 година и се во застој, не се довршени, а од 2018-2019 година степенот на реализација во просек е само 1 процент на месечно ниво и во 2019 и 2020 година договорите за Коридор 8 и Коридор 10 сe раскинати. Во период на вршење на ревизијата во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи за коридорите 8 и 10“ – велат од Државниот завод за ревизија.

Инаку токму на изградбата на пругата кон Бугарија се чека повеќе од три децении. Изведувачите повеќе пати го напуштаа проектот поради непредвидени и дополнителни работи. Откако германската компанија Вебе, која почна со работа на делницата уште во 2014 година, по неколку пролонгирани и повторно пробиени рокови, во 2020-та еднострано го раскина договорот, дури пред некоја недела владата потпиша два нови договори за двете делници од Куманово до Крива Паланка со фирмите Штрабак и Ѓулермак. Сега, надлежните повторно убедуваат дека овојпат нема да се случи истото и дека цела железница кон Бугарија ќе заврши до предвидениот рок во 2027-ма година.

Реализацијата на капиталните инвестиции во кои спаѓаат патиштата и пругите е на катастрофално ниско ниво со години наназад. За 7 месеци се завршени едвај 30% од предвидените работи или 160 милиони евра. Сепак, кога на Владата оваа пролет и стана јасно дека не може да постигне да го изгради она што го вети, со ребалансот драстично скрати токму од оваа ставка и тоа од 615 на 520 милиони евра. Ако се споредува со првично планираното, реализирани се едвај 26%. Аналитичарите со години алармираат дека власта не планира доволно добро, нема капацитет во администрацијата за брзо завршување на бирократските процедури, па резултати очекувано нема.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста