Постапката за уставни измени ќе започне средината на јуни – Џафери повика на политичка одлука за идните генерации

Средината на јуни се очекува Владата да ја достави иницијативата за уставни измени до Собранието. Во моментов, верзијата како ќе изгледа преамбулата која ја подготви работната група , е во Министерството за правда. Потоа ќе биде доставена до Владата, а откако ќе биде усоена таму, се испраќа во законодавниот дом каде што треба да се организира јавна расправа. Процедурата за уставни измени во најоптимални услови би траела околу четири и пол месеци, а доколку се исцрпат сите рокови за време на комисиските расправи и седниците, тогаш може да трае повеќе од шест месеци.

Доколку во Собранието се донесе одлука за менување на Уставот, парламентот  и дава рок на Владата, како предлагач, да подготви нацрт амандмани.  (член 196, став 4). Потоа предлог амандманите, образложението и извештајот за резултатите од јавната дискусија, Владата повторно ги доставува до собранискиот спикер, кој најдоцна 30 дена пред одржувањето на собраниската седница треба да ги достави до пратениците.  Џафери на брифинг со новинарите порача дека „ако се суди според искуството, секое одлагање на обврските и барање некое ново решение за Македонија да продолжи на патот кон ЕУ, значи дека наредното евентуално решение би било уште потешко”.

Ова не е интерес само на владеjачкото мнозинство туку интерес на државата. Секое одложување ќе донесе само полошо решение од ова што го имаме сега и сметам дека ние мораме да ја преземеме политичката одлука и цена за идните генерациирече претседателот на Собранието, Талат Џафери.

За предлог измените пратенциите расправаат првично на матичната Комисија за уставни прашања, со која претседава собранискиот спикер. Откако ќе се помине и филтерот на Законодавно-правна комисија, се отвора расправа на пленарна седница. Во целата процедура, во два наврати треба да се обезбеди двотретинско мнозинство. 80 пратеници мора да гласаат ЗА одлуката за менување на Уставот, и ЗА усвојување на амандманите. Потребен е и Бадентер.

За да поминат измените, 80 пратеници треба да гласаат ЗА. Треба да се гласа и со Бадентерово мнозинство  бидејќи точките на кои се однесуваат уставните амандмани ги засегаат заедниците. Од вкупниот број пратеници 40 се припадниците на заедниците, а од нив за овие гласања потребни ќе бидат гласовите на 21 пратеник од заедниците – рече Џафери.

Во врска со останатите барања за бришење на ставката 20% која се однесува на албанскиот јазик, Џафери рече дека пратениците не може да доставуваат амандмани кои не се поврзани со предлозите од Владата. Но не се исклучува можноста дека извршната власт може да интервенира.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста