Поречието се празни – Општина Македонски брод презема конкретни чекори за да го спречи се’ помасовното иселување на младите

Се’ позагрижувачкиот тренд на „белата чума“, не го одминува ниту Поречието. Младите, во потрага за подобар живот и поголема кариерна перспектива, се’ почесто се одлучуваат своето средно образование да го продолжат во поголемите градови, со што бројот на ученици, во последниве години, во општина Македонски Брод значително е намален. Годинашната генерација матуранти од Гимназијата „Св. Наум Охридски“ спадна на само 11 ученици. Во училиштето има само две паралелки од четврта година. Едната е по гимназиско образование во која ќе матурираат осум ученици, а втората е по угостителство и туризам, во која има само тројца ученици.

  • „Македонски Брод ја дели истата судбина која што ја делат и останатите малечки градови. За тоа не е причина само иселувањето, туку и бесплатното средно образование, така што голем бројод дечињата ни заминуваат за средно образование во околните градови: Прилеп, Битола, Скопје. Државата направи двојни аршини. Воведе субвенционирање на децата кои учат надвор од својата општина, но никакви мерки на стимулиација нема за дечињата кои остануваат на територијата на својата општина“, вели Жарко Ристески, градоначалник на општина Македонски Брод.

Со цел, колку-толку исправање на оваа поразително-тажна слика, општината, заедно со Советет, веќе пристапиле кон преземање на конкретни чекори и мерки. Со доделување на еднократна парична помош на секој новозапишан средношколец, со средства издвоени од општинскиот буџет, ќе се стимулираат бродски ученици образованието да си го продолжат дома, објаснува Ристески.

  • „Воведовме субвенционирање од 5.000 денари за секое дете кое е запишано во прва година во средно училиште во Македонски Брод. Сигурно дека тоа е симболично, но битна ни е пораката која ја испраќаме кон самите дечиња. Исто така воведовме машинска струка во средното образование, а воспоставивме и дуална паралелка со Фабриката „АТС Груп“ во Самоков, така што оспособуваме кадар токму за таа фабрика. Дечињата одат на пракса и се надеваме дека поголем дел од нив ќе можат да останат да работат тука, а тие што сакаат да се дообразуваат, да добијат стипендии за да можат да се вратат пак и да работат во општина Македонски Брод“, посочува градоначалникот.

Исто така, бидејќи една од перспективните цели на Општината е развој на туризмот, од пред неколку години формирани се и две нови гимназиски паралеки за струките – техничар за рурален туризам и хотелски техничар. „Со ова сакаме да се вмрежиме и да го следиме бизнис-секторот, особено угостителството што ќе биде значајна придобивка за општината високо да се етаблира на туристичката мапа не само во земјава, туку и пошироко“, објаснува Ристески.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста