Политичкото насилство дрли дамка врз престојните конгресни избори во САД

Нападот врз сопругот на една од најмоќните американски политичарки нагласува колку е поделена и опасна американската нација пред уште едни избори кои предизвикуваа поделба.

Напаѓачот не успеа да ја повреди претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, но сериозно го рани нејзиниот 82-годишен сопруг Пол во нивниот дом во Сан Франциско.

„Ова беше намерно. И тоа е погрешно. Нашите избрани функционери се тука да ја работат работата за нивните градови, нивните општини, нивните држави и оваа нација“, рече Вилијам Скот шефот на полицискиот оддел во Сан Франциско.

И претседателот Џо Бајден го осуди нападот.

„Доста е, доста е... Секој човек со чиста совест треба јасно и недвосмислено да се спротивстави на насилството во нашата политика, без разлика за кого сте политички определени. Сите ние. Сите ние заедно, како Американци“, рече Бајден.

Поранешниот претседател Барак Обама исто така го стори тоа, велејќи дека „некои кои се на функција или кои се стремат, работат на поттикнување поделеност“.

Истражувачите велат дека насилството доаѓа од различни правци. Во текот на летото, конзервативните судии од Врховниот суд се соочија со смртни закани поради нивната одлука да ја поништат пресудата што го штити пристапот за абортус.

Републиканците исто така изразија загриженост.

Водачот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, на Твитер ги испрати своите најдобри желби до семејството Пелоси.

Како и поранешниот потпретседател Мајк Пенс, кој на Твитер напиша дека „не може да има толеранција за насилство врз јавни службеници или нивните семејства“.

И поранешниот претседател Доналд Трамп, откако првично молчеше, конечно го опиша нападот како „ужасна работа“.

Трамп беше исфрлен од Твитер на 6 јануари 2021 година, откако платформата сметаше дека неговите пораки ги поттикнувале неговите поддржувачи да организираат насилен бунт во Конгресот, како одговор на лажното тврдење на Трамп дека изборите во 2020 година биле наместени. Некои од неговите твитови беа насочени кон Пенс, кој одби да дејствува во корист на Трамп за време на сертификацијата на гласовите.

Некои критичари го обвинуваат Трамп за поттикнување на ваквата атмосфера околу конгресните избори.

Милијардерот Илон Маск го купи Твитер пред само неколку дена. Тој на Твитер објави линк од неоснованата гласина на маргинална веб-страница за нападот врз сопругот на Пелоси. Подоцна беше избришан откако критичарите рекоа дека шири дезинформации за нападот.

Маск навести дека повторно ќе го прими Трамп на Твитер.

„Можноста Трамп да се врати на Твитер предизвикува морници на многу луѓе затоа што се загрижени дека тоа само уште повеќе ќе ја поттикне хиперполаризираната средина со која се соочуваме, ќе има поекстремна реторика и може да има вистински поттикнувања на насилство, кои потоа ќе поттикнат уште дополнително насилство во иднина“, вели Дарел Вест од институтот Брукингс во Вашингтон.

Одделот за правда вети дека ќе „гарантира слободно и фер гласање“ за сите и дека нема да толерира заплашување на гласачите.

Во Аризона, властите ја зајакнаа безбедноста по инцидентите на луѓе кои ги надгледуваат гласачките кутии.

Во сојузната држава Висконсин, работниците ќе земаат часови како да се справат доколку има напнат изборен ден.

Експертите велат дека американските гласачи не треба да се чувствуваат фрустрирани. Секој треба да биде активно вклучен.

„Луѓето треба да учествуваат во политиката, колку повеќе луѓе учествуваат, нашиот систем ќе биде посилен, а тоа ќе помогне да се задушат гласовите на екстремистите. Луѓето треба да гласаат. Тие треба да ги изразат своите ставови на мирен начин. Доколку го сторат тоа, нашата земја ќе биде во подобра позиција“, додава Вест.

Денот на изборите е закажан за 8-ми ноември.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста