Политичарите над обичните луѓе: Граѓаните со часови чекаа функционерите се сликаат пред гробот на Гоце Делчев

Пеејќи ја химната на Македонија, обичните граѓани го исполнуваа времето додека чекаа политичарите да се сликаат пред гробот на Гоце Делчев. Студеното време не беше проблем стотици луѓе со часови да чекаат да се поклонат пред најголемиот македонски револуционер. Мораа да почекаат официјалните делегации да поминат, за да можат да влезат.

Организирано пред да му оддадат чест на Делчев дојдоа и неколку навивачки групи, кои беа пуштани во група по тројца. Испратија порака дека власта со однесувањето последниот период всушност, го предаде, еден од најголемите македонски херои.

Кај граѓаните гнев предизвика и што државата дозволи роденденот на Гоце да се чествува на ваков начин.

-Не е во ред да не се пушта народот од страна на полицијата да се поклони пред националниот херој и лично не се чувствувам веќе како граѓанин на оваа држава бидејќи државата е против мене.

-Не е во ред, затоа што дојдоа толку малку луѓе и затоа што толку многу полиција има и затоа што не пуштаат луѓе да празнуваат национален празник. (Од кај сте вие дојдени?) Јас сум од Украина дојден.

-Народ што треба да го шишаш, треба да го шишаш, шишај до крај и готово (Дали е крив народот или политичарите?) Народот, што политичарите, тие си прават што сакаат, народот ги пушта да прават што сакаат.

Меѓу оние кои чекаа со часови за да му се поклонат на Делчев беше и историчарот Тодор Чепреганов. Според него ова ситауција наликува на некои јужноамерикански земји.

-Ова можете да го видите само во јужноамериканските држави Чиле, Колумбија, каде што на ваков начин се спречува народот да го изрази она кое што го чувствува кон својот херој Гоце Делчев. Саат време стојам, нема образложение, не е дозволено секој се враќа назад, еве ги со цвекиња не ги пуштаат да отидат на гробот, изјави Чепреганов.

Власта прекрши две уставно загарантирани права на граѓаните, смета адвокатот Јанаки Митровски.

-Состојбата во која што ја живееме е таа. И вчера кажав дека се работи за повреда на две уставни права, прво право на слободно движење и право на протест, кои што права не можат да се подриваат со наредба на министерот за внатрешни работи, изјави Митровски.

Прв пат вака се одбележува денот на раѓањето на Делчев: под силни полициски барикади и со ограничена движење на луѓето.  

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста