Познати сите имиња: Поранешни уставни судии и универзитетски професори блиски до власта ќе бидат дел од работната група за уставните измени

Поранешни уставни судии и универзитетски професори, кои важат за блиски до власта ќе бидат членовите на работната група, која ќе треба да ги предложи уставните измени. Претставник на опозицијата нема да има, сите се предлог на владејачките партии и државните институции.

Дел од групата ќе бидат поранешните претседатели на Уставниот суд Сали Мурати и Бранко Наумовски, поранешната судијка во Старзбур Маргарита Цаца Николовска, Бајрам Положани, екс уставен судија и професор по уставно право. Од редот на професорите доаѓаат и Јетон Шасивари и Беса Арифи од Универзитетот на Југоисточна Европа, Ана Чупеска и Елена Михајлова Стратилати од правниот факултет Јустинијан Први, Јагода Митревска од Славјанскиот Универзитет и Марија Пандевска од професорка од Институтот за национална историја.

Меѓу сите овие имиња нема ниту едно по предлог на опозициските партии, ниту од македонскиот ниту од албанскиот блок, кои одбија да учествуваат во оваа работна група. Според премиерот Димитар Ковачевски таа сепак ќе имала легитимитет, иако дел од неа само луѓе предложени од власта.

-Дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има, опозицијата не го поддржа, така да ќе станеме членка на ЕУ и се надевам опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ни договорот Фронтекс, за кој што утре почнува имплементацијата, каде што за прв пат имаме македонски јазик со сите други јазици на ЕУ, за прв пат, никогаш не било тоа до сега, изјави Ковачевски.

Ковачевски ги повика сите кои имале било какви идеи за уставните измени, да ги испрателе до работната група, што беше одбиено од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ се цврсти на ставот дека нема да учествуваат во нејзината работа и порачуваат дека овој парламентарен состав нема да ги изгласа уставните измени.

-Го повикувам да не биде кукавица, ако му е толку мерак, бега од избори, го поставија таму без да излезе на избори нека ја достави оваа иницијатива во Парламентот, нека не чека, нема да се смени ништо, ниту во мај, ниту во јуни, ниту со септември, ниту во октомври нема да се смени, еве јас јавно го кажувам тоа. Нека ги достави во Парламентот, ако има 80 пратеника јас заминувам од политиката, тој продолжува да биде премиер, ако нема 80 пратеника тогаш треба да одиме на избори, изјави Мицкоски.

Според дел од познавачите оваа работна група е спротивна на законот, бидејќи работата за уставните измени треба да оди во Собранието и Комисијата за уставни прашања, која би требало да ги предложи измените.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста