Повредени полицајци, приведени демонстранти, но и апсења од протестите против францускиот предлог

Насилства во најава, црни сценарија во подготовка, информации за нови напади со употреба на молотови коктели. Власта предупредува дека има информации за нова радикализација на протестите против францускиот предлог, но зошто не делува превентивно да ги спречи?

Ова е снимкaта на која се гледа како полицијата насилно на земја приведува младо момче. Од насобраните демонстранти се слушаат лелеци, пискотници и барања кон полицајците да го пушти момчето кое се бори за воздух.

Еден од полицајците се одвои од кордонот и со пендрак, од зад грб, удри момче кое стоеше на страна. Покрај полициската бруталност кон демонстрантите, епилогот на четвртиот ден од протестите е 11 приведени граѓани и 47 повредени полицајци, од кои двајца потешко.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по посетата на повредените полициски службеници на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ кажа дека располагаат со информации дека одредена група за вечерашните најавени протести подготвуваат молотови коктели, а за синоќешните ескалации рече дека нападот на службениците и институциите не е демократија, туку вандализам и насилство. Сцените од синоќа ги спореди со нападот на Собранието на фамозниот 27 април.

  • Ваков облик на организирано насилство, ова е случај кој потестува на 27 април, 30 луѓе со качулки на глава го предизвикуваат целиот неред и предизвикуваат напади на институциите и напад на полициските службеници. Секако дека професионалниот однос на македонската полиција се согледа во тоа што исклучиво се изврши интервенција врз оние кои направија физички напад и материјална штета“, кажа Спасовски.

Оливер Спасовски предупреди дека полицијата имала сознанија дека за вечерва се подготвуваат и молотови коктели.

Ова го отвора прашањето зошто не се преземат превентивни мерки за да се спречат евентуални инциденти. Дилемата дали власта намерно дозволува провокатори да ги ескалираат протестите ја подгрева и изјавата на премиерот Димитар Ковачевски кој уште вчера утрото предупреди дека имал информации дека се подготвуваат насилства.

Дилемата дали во народот се уфрлени и провокатори добива на тежина и од снимките од терен. На ова видео се гледа човек во качулка како ја провоцира полицијата, а кога кордонот ќе тргне, целосно го игнорира и го заобиколува, Подоцна тој е дури и зад полицијата која веќе почнува да се пресметува со толпата.

Синоќешниот собир започна мирно, а групата од пред Владата преку Министерството за надворешни се префрли пред Собранието.

Таму од илјадниците насобрани граѓани се одвои мала група од 40-на луѓе кои започнаа да ја провоцираат полицијата, да фрлаат со јајца, шишиња и пиротехнички средства по што се нафрлија на оградата која за кратко време беше урната. По ова демонстрантите за кусо време беа разбиеани.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста