Побарале ли хакерите откуп за да го одблокираат Фондот за здравство?!

Хакерскиот упад врз системот на Фондот за здравство се случил со таканаречен рансомвер напад, што според валидната дефиниција значи дека хакерите барале откуп за да го вратат системот назад во владение на ФЗОМ. Дека нападот бил од овој тип за прв пат денеска откри Ковачевски кој рече дека ова не е прв случај. Со истиот проблем се соочиле и Катастар, МОН,  Министерството за земјоделство и приватни фирми.  

И покрај сите овие случаи Премиерот нема одговор што презема државата за да ги заштити базите и институциите од вакви напади.

  • Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, изјави премиерот Ковачевски.

Додека се чека начин како ситемот да се врати во првобитна положба, хаосот на блокираниот систем на Фондот од ден во ден им создава се поголеми главоболки на вработените во здравството, а згора на се им го загорчува животот на пациентите, матичните лекари, болниците зашто се оставени на цедило. Расте револтот кај вработените во јавното здравство, кои не ја добиле платата за јануари.

  • Подоле од ова не може! велат од Независниот медицински синдикат од Тетово кои протестираа пред зградата на Фондот за здравство.

И ова надлежните го објаснуваат како хибридна војна. Министерот Спасовски кажа дека побарале поддршка од меѓународни институции за да се заштител системот, ама нема гаранции дали и во која мера се загрозени личните податоци на граѓаните со хакерскиот напад. 

  • Во Фондот за здравство се работи за хибриден напад, со којшто напад практично е влезен во нивниот систем. Нашиот Оддел работи интензивно и бараме поддршка од институциите и меѓународните партнери, се со цел да го заштитиме системот колку што е можно. Ова треба да ни покаже една работа што на секој еден од нас мора да ни биде јасно, дека практично сите треба да бидеме дел од заштита на тој систем и да посветиме поголемо внимание на сајбер нападите и да се зголеми отпорноста на институциите, бидејќи нереално е да очекуваме една институција да ги штити сите институции и тоа не е наша задача. Секоја институција на својот систем ќе мора да има соодветни заштити, рече Спасовски.

Директорката на Фондот, Магдалена Филиповска Грашкоска, пак, веќе десеттина дена одбива јавно да проговори за проблемите и лично да даде образложение за состојбите на системот што инаку раководи со парите за здравственото осигурување на граѓаните. Алатката која ја користат е писмени соопштенија , преки кои посочуваат дека работат со болниците за да ја добијат потребната документација за исплата на плати.

Од Владата велат здравствените работници и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение, откако беше најавен протест поради ненавремена исплата. и Премиерот посочува дека станува збор за хибридна војна, а решение за исплата било најдено. Инаку, повеќе од 10 дена Фондот за здравствено осигурување не може да ги врши обврските кон пациентите затоа што неговиот централизиран компјутерски ситем е вон функција. Пациентите не можат да отворат боледување, доцнат и исплатите и на породилните отсуства.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста