Плодовите на дуото Заев- Борисов: Од големо пријателство до тешка геостратешка грешка

Од големо пријателство до тешка геостратешка грешка. Како почна, како сега изгледаат односите меѓу Македонија и Бугарија? Потписите на Заев и Борисов наместо да донесат напредок во односите меѓу двата народи, доведоа до невидено влошување на односите меѓу двете земји, а беше ветувано друго сценарио.

-Македонија е дел од Европа. Ние денеска покажуваме како добри пријатели стануваат уште подобри пријатели и градиме сојузи и затоа сум убеден дека нашите народи, граѓаните ќе бидат среќни за овие перспективи преку вакви историски чекори кои што ги отвораме за нив и за идните поколенија, изјави Заев.

За жал реалноста е сосем друга. Наместо пријател и ветер во грб кон ЕУ, Бугарија ни стана најголемата пречка на европскиот пат, иако и дадовме и многу повеќе од она што требаше. За да го задоволи вкусот на официјална Софија, македонските власти решија да менуваат и историски факти. Поранешниот премиер доста често повторуваше дека Бугарија не била фашистички окупатор, а бранејќи го својот став кажа и дека имало Македонци со фашистички изблици, не само Бугари. 

-Бугарија не е фашизам, Бугарија е нашиот пријател. Имало некој пат некоја администрација во тој момент на почетокот, порача Заев во интервју за Бгнес.

-Фашистичкиот окупатор, како што имавме и фашистички изблици дури и на наши сограѓани, со предавства на македонски револуционери, македонски партизани и македонски херои. Фашизмот нема етничка боја, изјави Заев.

Македонските власти најчесто беа неми на бугарските провокации. Наместо жесток одговор на пораките од Софија, Заев ја покажуваше својата попустливост, пред се кога е историјата во прашање.

-Ние немаме споделена историја, немаме ни вкрстена историја, ние имаме заедничка историја, изјави Заев.

Од устата на еден македонски премиер слушнавме дека Гоце Делчев, покрај македонски бил и бугарски револуционер.

-Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

Сепак, ниту Заев, секогаш финиот во однос на Бугарија не можеше да издржи. Па после бугарското вето во декември 2020-та реши да го нападне источниот сосед.

-Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. Затоа сметаме дека причините за неодобрување на преговарачката рамка прават штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија, порача Заев.

Реципрочноста фали во сите сегменти кога бугарскиот проблем е во проблем, па така е и во односот на властите кон другата страна. За разлика нашата финост и спремост на отстапки, од официјална Софија секојдневно добиваме само провокации. Сме биле еден народ, сите Бугари, како и дека не постоел македонскиот јазик.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста