Плати во културата нема, тужбите се подготвени

Тужбите се подготвени, треба само да се поднесат – се заканува Синдикатот на културата, откако стана јасно дека културните работници ќе ги добијат јулските плати дури во септември. Сепак, се надеваат дека до тоа нема да дојде. Веднаш откако новата министерка за култура ќе ја преземе функцијата во понеделник, ќе инсистираат на средба за парите конечно да бидат пуштени.

„Веќе имавме некои неформални разговори и таа средба очекуваме да се случи понеделник или вторник. Значи ние ќе с ејавиме веднаш по официјалното назначување и преземање на функцијата и ќе ги договориме деталите“ – вели Гоце Павловски од Синдикатот на културата на Македонија.

Вработените во културата се револтирани бидејќи систематизациите не се завршени, а поминаа 8 месеци од потпишувањето на Колективниот договор. Министерството за култура било бавно и не ги известило институциите навреме. Тие пак, ништо не сториле сами и покрај објавата во Службен весник и само чекале инструкции од министерството за да ги помрднат работите од мртва точка. Со години не правеле анализа на работни места. Актуелниот премиер Оливер Спасовски вчера вината ја лоцираше во директорите на културните установи, но засега нема најави за казни или пак нивно разрешување. Синдикатот не верува дека некој директор ќе биде санкциониран.

„Во изминативе 15 години ретко се случувало некој директор да биде повикан на одговорност. Кога имаше промена на власта, дојдоа промени на директорите. Сите очекуваа дека ќе се направат некакви ревизии во институциите, ќе с евидат некои проблеми кои се случувале во минатото, ќе испливаат на површина малверзации итн. Досега не се случи ништо. Ние знаеме конкретни работи како се доделувани плати во минатото кога немаше општ колективен договор во културата. Колку пати се случило „ало“ во министерството за култура, измислени работни места?“ – вели Павловски.

Од СОНК велат дека 100 од 120 директори на театри, музеи, библиотеки, културни центри не ја подготвиле систематизацијата навреме и не ја доставиле потребната документација за исплата на плата. Прашаа дали се работи за бојкот на директорите или пак некој ги поттикнал намерно да не го спроведат процесот навреме.

Спасовски вчера тврдеше дека буџетот за плати во целост бил обезбеден.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста