Пиши-бриши законодавство: Сега се носат едни закони за „Бехтел и Енка“, за по некоја година да ги враќаме старите заради ЕУ

Пиши-бриши законодавство, ќе носиме едни закони, за по некоја година да ги враќаме старите. Ова произлегува од последните случувања поврзани со коридорот 8 каде сега во собранието треба да се носат нови закони со европско знаменце, кои се во спротивност на европските, само за да се задоволат апетитите на фирмите, сметаат дел од експертите. Универзитетскиот професор Климовски за Алфа вели дека со ова испраќаме лоши сигнали во Унијата, каде се претставуваме како несериозна земја која за лукративни причини си поигрува со правото.

  • Мислам дека многу лоша порака испраќаме, ние практично целокупното тоа законодавство кое што сега заради еден обичен бизнис договор го менуваме, ќе мораме веднаш потоа да го вратиме назад. Да го вратиме во сегашната состојба затоа што велиме дека 80% скоро од нашето законодавство е усогласено со европското. Таму испраќаме многу лоши сигнали, каков партнер ќе бидеме ние во ЕУ, бидејќи ако вие на овој начин се однесувате само кај еден закон, тогаш тие ќе ве гледаат многу зачудено и јасно ќе им стане за што станува збор, кога тоа се менува заради еден бизнис проект“ вели Саво Климовски – универзитетски професор.

Климовски вели заради бизниси си го загрозуваме патот кон ЕУ.

  • Ова е крајно несериозно, крајно продуктивно и е во спотивност со тоа што го зборуваат дека тие се проевропски фронт, дека еве само што не не собрале и не не однеле во ЕУ. Мислам дека со овакви потези ниту една власт, ниту една држава нема да биде примена во друштвото на европските држави“, вели Саво Климовски – универзитетски професор.

И професорката Каролина Ристова – Астеруд со сличен став, ова што сега се прави со злоупотребата на носење закони со еврознаменце.

  • Ваквите злоупотреби се резултат на влади кои никако да почнат да делуваат во систем на поделба на власта во кој има функционални кочници за нејзината доминација, неретко за разно-разни злоупотреби. Сето тоа заедно покажува сериозно неисполнување на ударен политички критериум за членство во ЕУ и секако дека така само ќе продолжиме да имаме негативни оцени во годишните извештаи за напредок во евроинтегративниот процес“ коментира Каролина Ристова – Астеруд – Правен факултет “ Јустинијан Први”, УКИМ ; прва претседателка на Комисијата за европски прашања во собранискиот состав 2002-2006..

Астеруд вели дека вакви забелешки не добиваме веќе само од технократските тела на ЕУ како што е Европската комисија , туку и од поединечни држави-членки на ЕУ, што ни прави огромна штета, бидејќи токму тие го имаат последниот збор за било какво помрднување нанапред.

Според познавачите, покрај законите со ЕУ знаменце спорни се и уште неколку аспекти на самиот договор односно со тоа што договорот е таен и не е достапен за јавноста се кршат правилата за транспарентност, конкуренција и еднаков третмат во областа на јавните набавки. Инаку токму носењето на 5те закони за договорот со Бехтел и Енка со европско знаменце беше премет на реакција на делегацијата на ЕУ во Македонија од каде велат дека ја изразуваат нивната загриженост до домашните власти и бараат дополнителни објаснувања.

Мери Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста