Пет години СДСМ- ДУИ: Т.н. Тиранска платформа која не постоеше за Заев, речиси 100 проценти реализирана

-Ниту еден документ, платформа, декларација, акт кои би биле спротивни на погоре наведените ставови не може да бидат основа за дејствување на Владата на Република Македонија.

Вака говореше Заев во моментите кога го доби мандатот за состав на Владата од тогашниот претседател  Ѓорге Иванов. Пет години подоцна јасно е дека вистината е друга, Тиранската платформа која пред албанските гласачи беше позитивна реалност, а пред македонските не постоеше е еден можеби единствен речиси целосно реализиран проект за пет години владеење на оваа гарнитура.

Во тој период очигледно кратка беше меморијата на Зоран Заев. На 17-ти мај 2017-та платформата која што во Вила Водно не постоеше, на 21-ви март истата година, во прес салата на Собранието беше реалност со позитивни страни.

Ние не бегаме од платфорамата, ние цело време потенцираме имаме позитивен аспект на платформата, изјави Заев.

Не само што не избегаа, туку и речиси цела ја исполнија. Да почнеме од албанскиот јазик,  во точката еден од документот поддржан од сите албански партии во Македонија, пишува целосна јазична еднаквост и употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта.

Исполнето уште пред четири години, кога на 11-ти јануари 2018-та, во Собранието беше изгласан Законот за употреба на јазиците.

Во точката три пак се вели дека треба да се создаде комисија за финансирање на општините и министерство за политички систем и односи меѓу заеднциите, за поттикнување на економскиот и социјалниот развој во неразвиените подрачја. Исполнето. Комисијата официјално ја нема, но во 2018-та година усвоен беше закон за финансиска поддршка на единиците за локална самоуправа со кој се финансираа неплатените, а доспеани долговир. Секоја општина доби пари да покрие 51 процент од пријавените долгови. Формирано беше и Министерството со кое раководи Груби. Кои се проектите за работа на оваа институција не се знае, но се знае дека има дури 404 вработени и нов модерен објект во центарот на Скопје, каде Груби се всели, симболично или не на родентот на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

-Денеска се наоѓаме во новиот објект на Владата на Република Северна Македонија, каде меѓу другите институции ќе биде и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, изјави Заев.

Во точката четири стои: Правична застапеност во органите за безбедност, војската, разузнавањето и правдата во сите нивоа на централната власт, јавните служби и претпријатијата со јавни акции. Исполнето. Албанците добија заменик министри во МВР и одбрана, директорско место во Агенцијата за разузнавање.

Исполнета е и точка 5 која гласи: Унапредување на статусот на Албанците во Македонија во државотворен народ. Со уставните измени поради Преспанскиот договор Албанците влегоа во преамбулата, односно наместо македонскиот народ и заедниците на Албанците, Турците и слично, се воведе терминот македонскиот народ и делови од албанскиот народ, турскиот и таканатаму. Со оваа навидум мала промена дефакто Албанците станаа државотворен народ.

На 11-ти јануари 2018-та со промените во законот за јазици исполнета беше и точката шест, каде пишува: Уставот на Македонија треба да одреди дека македонскиот јазик со кирилско писмо и албанскиот јазик со неговата азбука, се официјални јазици во Република Македонија.

Како реализирана може да се штиклира и точката седум, каде е запишано: Целосното обелоденување на прашањата за судските процеси како Сопот, Бродец, Монструм и Диво Насеље, преку посебна истражна комисија или меѓународно независно тело.

За случајот Сопот, сега непостоечкото СЈО го повлече обвинението велејќи дека немало докази, па претходно осудените добија слобода, судењето за Монструм беше вратено од почеток, но казните беа потврдени. Токму за овој договор во минатото говореше и Ахмети.

-Во тој договор е дека треба да се бара истрага или меѓународен мониторинг за некои случаи како случајот “Монструм“, Кумановскиот случај. Секогаш ги имаме повторувано, цело време, случајот Бродец, изјави Ахмети.

Исполнети беа и точките 9, 10 и 11, односно албанските партии се ангажираа во мисијата за членство во НАТО, беа вклучени во преговорите со Грција, а главен преговарач со Бугарија сега ни е Бујар Османи. Интегрирано се менаџираат и границите со Косово и Албанија. Отворени беа и нови гранични премини кон овие две соседни земји.

Се ова е исполнето од платформата која за власта не постоеше, а беше подготвена во Тирана со поддршка со покровителство на албанскиот амбасадор Еди Рама

Единствени неисполнети точки се втората и осмата, односно се уште не е отворена дебата за промена знамето, химната и државниот грб, а не и изгласана ниту резолуција со која ќе се осуди наводниот геноцид врз Албанците во пердиодот од 1912-та до 1956-та година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста