Петчлено семејство со сериозни психо-физички попречености, оставено на маргините од преживувањето

   Последна куќарка на крајот од градот, дивоградба изградена во дол од хумани луѓе колку да не спие под отворено небо петчленото семејство Петанчески, сите со сериозни нарушувања на психо-физичкото здравје. Живеат со само 4.000 денари социјална помош која ја добиваат како нега за едниот син, кој е неподвижен, додека другиот син пак, заедно со таткото собираат шишиња. Оставени на маргините од преживувањето, повеќе гладни отколку сити, овие луѓе немаат ниту струја, ниту пристојна покуќнина, ниту бања, а ниту пак знаат каде и како да си ги остварат своите права.

  „Пред пет години јас му ја направив оваа куќа, колку што можев – толку. Бевме кај директорот на ЕВН во Прилеп, после петти-шести пат, не прими и ни кажа: донесете имотен лист, ќе го решиме проблемот, инаку не можеме ништо да направиме вака...Никој не знае ништо, ни каде да појде, ни каде да се обрати, ни каде да праша. Здравствени проблеми имаат 100%, можете еве да ги видите и како живеат, и како се бањаат и каде одат во вц“ – вели Жарко Мирчески, хуман граѓанин кој им помага.

   Мајката Слободанка, вели дека се’ им треба, од храна до облека и покуќнина. Моли да им пуштат барем струја, колку за една сијалица да им свети, зашто друг потрошувач секако и немаат.

  „Зошто немате струја? – Ја исклучија. Како живеете вака? – Со свеќа. Од што се прехранувате? – Еве, од шишињава, лошо. Што ви треба најмногу? – Масло, храна, облека, шпорет ни треба, се.“, – едвај разбирливо ни рече Слободанка Петанческа.

   Мирчески вели дека се обратил и во ЛС за да им ја легализираат куќарката, за потоа од ЕВН да им пуштат струја, макар со контролно броило. Но, и таму наишол на административна пречка. Семејството немало поднесено елаборат, што според него е апсурд, бидејќи овие луѓе  ниту имаат поим што треба, ниту пак имаат пари.

  „Не можат никаде да се обратат. Секаде јас одам, му бркам работа. Треба помош од други луѓе, ама колку се заинтересирани луѓето, не знам“, објаснува Мирчески.

  Со оглед на фактот што на ова семејство му треба итна и задолжителна инситуционална помош, прашавме и во МЦСР од Прилеп што досега тие, како надлежна институција презеле за да му помогнат на ова семејство по однос на овие нивни проблеми, но до овие вести оттаму одговор не добивме.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста