Пендаровски отиде контра сите: Ги потпиша законите за Бехтел и Енка и порача кој сака нека се жали пред Уставен суд

Пендаровски ги потпиша законите за Бехтел и Енка, па кој сака нека се жали пред Уставен суд, порача македонскиот претседател и отиде контра експертите, обичните граѓани, но и Европската Унија, сите кои го искритикуваа новиот закон за работни односи, но и начинот на кој со европско знаменце се донесоа овие закони. Иако најави дека токму најспорниот закон со кој работната недела ќе стане 60 часовна нема да го потпише, сега го промени ставот.

-Укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој. Уставниот суд е единствената интитуција која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите, изјави Пендаровски.

Се објаснуваше и зошто. Преформулацијата на 60 часовна работна недела, била причината што сега законот, според Пендаровски бил согласно Уставот. Само 60-те часа, кои сега ги немало во законот, биле спорни за уставните судии, барем според Пендаровски.

-Освен што нема експлицитно кажано 60 часа ќе биде работната недела по работник така цела година, има една друга одредба што ми помогна која можам да ја цитирам, која ми помогна со поддршка на моите правни советници со кои се консултирав во оваа ситуација, на пример член 117 во својот став два зборува за тоа колку може да трае прекувремената работа, значи да трае најмногу осум часа во една недела, најмногу 190 часа годишно, изјави Пендаровски.

Детски работи за Пендаровски биле шпекулациите дека на овој начин им се додворува на СДСМ и ДУИ да го поддржат за втор мандат. Не се плашел ниту од Оливер Спасовски, кој на новинарско прашање не демантираше дека би сакал да се трка за позицијата претседател на државата.

-Не сум калкулирал со поддршка никогаш. Слушам дека некои размислуваат и во слична малку кодификувана насока, бидејќи ова Бехтел и Енка се во позадина, дали сега ако јас потпишам ќе ја добијам поддршката на Америка и обратно, тоа се детски анализи, никогаш немале втемеленост во реалноста, изјави Пендаровски.

Измените на Законот за работните односи, Законот за експропријација, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот, беа изгласани по брза постапка со европско знаменце. За нив гласаа сите пратеници од владејачкото мнозинство освен Маја Морачанин од ДОМ и Љупчо Балкоски од ВМРО-Народна.

Инаку, покрај тоа против овие закони беше опозицијата и речиси цела експертска јавност, според анкетата на ИПИС и голем процент од граѓаните имаат ист став. Над 45 отсто рекле дека се против договорот за изградбата на Коридорите 8 и 10Д.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста