Патриотизам на мускули – Ковачевски го одби францускиот предлог

Македонската Влада го одби францускиот предлог. Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со европските лидери во Брисел на прес конференција соопшти дека ваквата форма која ја испорача француското претседателство е неприфатлива за Македонија. Додека не бидат земени во предвид македонските позиции дека нема да се преговара за јазик, идентитет, историја и отворање на уставот, нема да се вклучиме во процесот на преговори, порача Ковачевски.

– „Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Македонија… Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите, за да се започнат преговори до крајот на Јуни“ – Рече Ковачевски.

Ковачевски конечно се охрабри да застане во одбрана на националните интереси oткако во јавноста настана вистински хаос по објавувањето на текстот на францускиот предлог и по притисок на македонскиот народ. Ковачевски им порача на европските лидери дека не смееме да тапкаме во место поради една земја членка која не успева да се координира и да обезбеди деблокирање на европскиот пат.

Пред почетокот на состанокот на европските лидери, се појави и снимка од разговор помеѓу Ковачевски и Петков, која во медиумите беше толкувана како тензична расправија, а во која Ковачевски дури и му вперува прст на Петков.

Иако беше планирано сребата да трае околу два часа, сепак европските лидери дебатираа повеќе од четири часа за она што како текст го стокми Франција, а кое ги содржеше сите бугарски барања. Лидерите на ЕУ сепак не се појавија на прес конференција по самитот, иако имаше најавено прес конференција.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста