Падна Владата на Петков: Бугарскиот Парламент изгласа недоверба, нејасно што ќе биде со Македонија

Падна Владата во Бугарија. Бугарското Собрание со 123 гласа за и 116 против му пресуди на кабинетот на Кирил Петков. Со тоа источниот сосед влегува во нова политичка криза, која сосем неизвесна ја прави со македонското вето. Додека нашите власти се надеваа на некаква промена на бугарските позиции, Петков сега потенцира дека неговата битка ќе биде останување на власт и нормализирање на Бугарија.

-Беше чест за мене да водам Влада кое што беше турнато од господин Пеевски, од господин Борисов, од Слави Трифонов и од госпоѓа Митрофанова. Тоа што тие не можат да го сфатат е дека така не можат да го добијат бугарскиот народ. Ветувам дека ние ќе продолжиме во таа битка да ја водиме државата и еден ден ќе имаме Бугарија без заткулисје, без мафија, една нормална, успешна европска држава, изјави Петков.

Еден од најблиските соработници на Петков, министерот за финансии и вицепремиер Асен Василев, порача дека излезот од најновата ситуација го гледа во нови избори за само три месеци.

-Ние почнавме да се подготвува за избор. Што значи тоа? Дека тешко гледам дека некој кој гласаше заедно со Делјан Пеевски на ова гласање дека ќе си го смени мислење. Ние одиме кон нови избори во месец септември, изјави Василев.

На излгасаната недоверба на Петков претходеше бурен ден во бугарскиот Парламент. Утринава Бојко Борисов соопшти дека неговиот ГЕРБ ќе гласа за францускиот предлог, бидејќи Бугарија подобар не можела да добие, но со услов Владата да го каже ставот за документот на Макрон, што беше одбиено од Петков. Поради тоа Собранието одлучи да ја откаже расправата за истиот.

Она што е важно за Македонија е дека сега останува непознато што ќе биде со нашата европска иднина. Причината е што Бугарија веќе има техничка Влада, од која никако не се очекува да носи некакви нови решенија за нашиот спор, па така станува тешко нешто да се промени до самитот ЕУ- Западен Балкан, кој се одржува утре во Брисел. Токму Македонија е една од причините за падот на Петков, а тоа го потенцира и пратеничката на ГЕРБ, Десислава Валчева Атанасова.  

-Тој не само што не ги реши спорните работи, ги задлабочи. Ги настрои граѓаните од двете страни на границата едни против други, но најмногу ја наруши заштита на бугарскиот национален интерес. Кирил Петков со своите дејствија пречеше низ целото време на преговорниот процес со спротивставените сигнали, со саботирањето на работата на дипломатите, експертите, со двојната надворешна политика, со криењето на процесот на преговарање со бугарското опшстество, изјави Валчева Атанасова.

Инаку, Петков на премиерската позиција издржа само шест месеци, тој стана премиер на 13 декември 2021 година. Дека Владата во Бугарија ќе падне стана јасно кога Има таков народ на Слави Трифонов реши да ја напушти владината коалиција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста