Осуди во Софија за тепањето на Пендиков, молк во Скопје за неговото напуштање на Македонија

Црни традиции на палење, стрелање и насилство – ова за министерот за надворешни работи на Бугарија била тепачката во кафуле во Охрид. Николај Милков и министерот Бујар Османи го посетија охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб, кој после тепачка во Охрид со владин авион беше транспортиран во Софија.  По посетата, Милков кажа дека во Македонија имало атмосфера на неказнивост на насилство.

„Момчето настрада заради своите идеи. Еден маж со кауза која што ја застапува. Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство. Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа“, изјави Милков

Османи во улога на полицаец најави дека ќе имало нула толеранција за напади од ваков вид.

 “Жалам за овој инцидент. Таквиот чин не ги одразува вредностите на граѓаните на Македонија, на нашето мултиетничко општество и Македонија ќе се погрижи да има нула толеранција на насилство како одговор на каков било проблем, најмалку на меѓуетничкиот соживот. Мора ние да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата позитивна агенда што двете влади се трудат макотрпно да ја изградат“, кажа Османи.

Во врска со провокациите од Бугарија, првиот дипломат вели дека мора да престанат. Османи уверува, секој кој ќе дојде во Македонија да го негира македонскиот народ, ќе му биде последно доаѓање, иако се уште не ги прогласи Џамбаски и Костадинов за персона-нон грата – политичарите кои пред само една недела, сред Скопје скандираа „Македонија е бугарска“.

А во меѓувреме, нема одговор од ниту една институција, кој дозволил и по кои основи транспорт на Пендиков во Софија кога се работи за активна истрага во која постапка е тој учесник. Нема одговор ниту од Министерството за надворешни, ниту од министерството за внатрешни работи. Молчат и од обвинитлелството, дали тие дале согласност, Христијан Пендиков да ја напушти државата. Според познавачите, транспортот на Пендиков е преседан и заради тоа што пред само еден месец, полицијата поднела кривична пријава за производство и промет на дрога, но не е познато зошто за него не биле побарани мерки за обезбедување.

Охриѓанецот Пендиков беше нападнат од тројца свои сограѓани на 19 јануари, а Бугарија прати владин авион за да го однесе на лекување во Софија. Бугарските политичари сметаат дека причина за нападот е тоа што Пендиков се деклариран како Бугарин. Со оглед на тоа што против Пендиков уште во декември полицијата поднела кривична пријава, дел од медиумите пренесуваат дека е можно е да се работи за криминално-дилерска пресметка бидејќи сите учесници и биле познати на полицијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста