Остри реакции на новинарските здруженија за етикетирањето медиуми

Опасни изјави кои ја загрозуваат слободата на говор и безбедноста на новинарите и медиумските работници. Новинарските здруженија со остри осуди за скандалозните тврдења на Ковачевски и Ахмети.

Вперувањето прст кон одредени медиуми ги става во незавидна позиција медимските професионалци, кои потоа се цел на напади, говор на омраза и слично, стои во реакцијата од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

  • „Ваквото етикетирање на медиумите претставува и напад врз слободата на изразување и слободата на медиумите, односно врз новинарите и медиумските работници, што не смее да се случува во едно демократско општество.“ – Пишува во соопштенито на синдикатот.

Од Здружението на новинари на Македонија велат дека Али Ахмети не смее да етикетира медиуми, и оти неговата изјава е штетна, додека пак за премиерот Ковачевски реагираат дека неговото однесување е непримерно.

  •  „Ваков однос од страна на премиерот Ковачевски во најмала рака е непрофесионален и крајно неприфатлив од причина што денеска реагиравме за скандалозната изјава кон медиумите на неговиот коалициски партнер Ахмети. Ваквата пракса на непримерна комуникација може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст.“ – Стои во реакцијата на ЗНМ.

Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги ги повика политичарите да се воздржат од употреба на јазик со кој што се дискредитираат медиумите и се потикнува меѓуетничка нетолеранција и нетрпеливост.

  • „Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите“. – Стои во соопштението на АВМУ.

Сите новинарски организации согласни: Политичарите, особено оние од власта не смеат да си дозволат вакви испади особено не во една земја која себе си смета за демократска и европска.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста