Останува летното сметање на времето и по 30-ти октомври?

Наместо промена од летно на зимско сметање на време, летното да остане во Македонија како можност за заштеда на струја. Владата веќе анализира дали евентуално продолжување на  летното сметање на времето ќе даде дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија. Министерот за економија, анализите ги очекува веќе идната недела.

  • Анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот согласно законот, изјави Бектеши. 

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека постојат различни европски искуства околу продолжувањето на летното сметање на времето, но сите тие се анализираат, по што ќе биде донесена одлука. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека така би се заштедило малку, односно од 2-3 проценти од вкупната потрошувачка, што според него, не е вистинско решение.

Европската комисија од пред четири години предложи договор за укинување на сезонската промена на часовниците во последната недела од март и октомври. Во 2019 година предлогот беше поддржан од Европскиот парламент, но се уште не е усвоен од сите земјите-членки. Германија воведе ваква мерка уште во 1980 година, поради заштеда на енергија.  

Инаку, зимското сметање на времето треба да почне в недела на 30 октомври, кога стрелките треба да се поместат еден час наназад, од 3 на 2 часот. Летното сметање на времето треба да се врати на 27 март идната година. 

Анкетите покажуваат дека најголемиот дел од  луѓето не сакаат промена, а дел од познавачите, велат дека промената на сметањето на времето не ја исполнува за заштеда на енергија, затоа што таа е маргинална.

Дневната светлина и особено сончевите зраци се „главните тајмери“ на внатрешниот часовник на човекот и многу важни за ритамот на будење и спиење. Според експертите, токму зимското сметање на времето тоа најдобро го обезбедува. Со поместувањето кон летно сметање се заканува недостаток на сон, што води кон недостаток на концентрација и намалена продуктивност, како и до повеќе несреќи.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста