Османи се фокусира на уставните измени кои не се гаранција дека нема да има нови блокади 

Почеток на процесот преговори за членство во Европската Унија, меѓународно етаблирање на македонскиот јазик, речиси 100% усогласеност со европското законодавство – првиот човек на Министерството за надворешни работи ја оцени 2022 како многу успешна иако годинава ќе ја затвориме со голем скандал во македонската дипломатија. Сите случувања во надворешната политика, Бујар Османи ги прокнижи како успех, но се уште го крие ставот дали Виктор Димовски треба да го добие амбасадорското место во Париз. На прашањето дали ќе ги земат предвид критиките од странските амбасадори, поранешниот директор на АНБ кој му додели пасош на Олександр Онишченко да остане дома, Османи се повика на консултациите кои ги најавија претседателот и премиерот.

Ние комуницираме на тоа прашање, но не сме седнати на формални консултации да донесеме одлука што понатаму. Се разбира дека мислењето на нашите НАТО сојузници е важно. Знаете дека јас побарав сите амбасадори, и тие што се во НАТО земји и во ЕУ земји, да добијат, освен наш државен сертификат, да добијат и НАТО сертификат. Многу е важно да го знаеме ставот на сојузниците. Веќе во сојузот тоа е една мрежа каде информациите се обострани – изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Од годишниот брифинг со новинарите, првиот човек на дипломатијата посочи на потребата што поскоро да се спроведат уставните измени како главен чекор на европскиот пат, сметајќи декa било крајно нечесно членството во ЕУ да се ставало во дневно-политичките препукувања. Од друга страна признава дека, дури и да ги исполниме сите услови на Бугарија, никој не гарантира дека нема да бидеме блокирани во иднина.

Идната недела би требало да се интензивираат сите тие комуникации за уставните измени – вели Османи. Прашан дали иако ги спроведеме уставните измени, може Бугарија да не блокира повторно, поради историски прашања, тој одговори: Го знаете процесот, одлуките во ЕУ се носат со консензус. Тоа значи дека пример Луксембург, за било кое прашање, иако нема ништо во преговарачката рамка за односите со Луксембург, да не блокира кога сака.

Бујар Османи се пофали и со позитивните резулати од извештајот на Европската комисија каде надворешната политика доби највисока оценка, сепак признава дека следната година, Комисијата нема да не штеди па содржината на извештајот ќе била прикажана многу посурово. Почетокот на 2023 година ќе го одбележи претседатвањето со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација во која членуваат и САД и Русија, а кое стартува од 1 јануари.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста