Османи го брани Рама, ни збор за нашиот премиер: Конечно некој проговори за срамниот однос на Ковачевски

Конечно некој од власта проговори за навредата од Рама и срамното смеење на премиерот Димитар Ковачевски. Честа прв да отвори уста за овој случај ја имаше министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но не за да го осуди смеењето на нашиот премиер, туку за да го брани Рама, велејќи дека пред оваа невкусна шега, тој ги бранел македонските ставови.

-Премиерот Рама беше многу остар кон бугарската делегација во Солун, до толку што и тие се вознемирија, посебно кон прашањето за Македонија велејќи дека ова што го прави Бугарија е голем срам, изјави Османи.

Четврти ден веќе нема никаква реакција од Ковачевски. Жестоките реакции од јавноста не беа доволни македонскиот премиер да проговори или да се извини за ова смеење. Единствено реагираше Рама, кој удри по оние кои го нападнаа неговиот македонски колегаи, повторно објаснувајќи што мислел со овие зборови.

-Идна западна, идна Западна Бугарија, кажа Рама.

-Хистеријата кон премиерот Ковачевски на некои во Скопје по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја иронизирав грдата блокада на Северна Македонија од страна на Бугарија е за смеење и за плачење. Кавга во меана над чадот од ќофтињата, испрати порака Рама до оние кои го критикуваат Ковачевски.

Молкот на Ковачевски според познавачите е доказ за неспособноста на пи-ар службата на премиерот. Според аналитичарот Синиша Пекевски, од оваа ситуација тие би требало излез да најдат многу лесно.

-И покрај огромниот број на ПР стручњаци, сега гледаме дека се тотално неспремни, тотално неспособни во својата работа и воопшто не знаат како да реагираат во овој момент. Од друга страна ја покажува неспособноста на македонските политирачи и луѓето кои работат околу нив, да се справат со кризни ситуации, ова е обична кризна ситуација, во која премиерот и неговиот тим би требало да се справат, вели Пекевски.

Оваа невкусна шега на Рама, која беше смешна за Ковачевски, доаѓа во моменти кога Македонија е под блокада од Бугарија, која условува со прифаќање на сите нивни услови и уценувања за давање зелено светло на европскиот пат за Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста