Образование на македонски начин – и од септември нема сите ученици да имаат учебници

Кец во најава – уште не завршила ни оваа учебна година, а министерот за образование веќе најавува дека дел од учениците нема да имаат учебници ни наредната година. Станува збор за дел од учебниците за трето и шесто одделение. Министерот Јетон Шаќири тврди дека за 80 отсто од предметите има завршено постапки, но за другите има проблеми со наоѓање автори што би ги напишале.

Иста песна и од есен. Дел од учениците повторно ќе останат без учебници, поради неажурноста на институциите. Последниот пример со учебникот по македонски јазик, кој учениците го добија пред крајот на учебната година, најверојатно ќе се повтори и од септември, зашто според новата програма, летово треба да се изработат учебници за трето и шесто одделение. За овие учебници, како што се правда министерот за образование, имало автори, а по изработката имало и рокови за жалби и за исправки. Но се надева дека овој 1 септември ќе бил подобар од сите досегашни.

  • Националниот совет за учебници ги има одобрено сите учебници, освен овие два-три кои доцнеа. Повеќе од 26 наслови се испечатени и за во стручното образование, каде немаше учебници повеќе од 10 години. Очекувам овој 1 септември да биде поподготвен од сите 1 септември, да бидат учебниците доставени зе сите ученици. За трето одделение и за шесто одделение правиме напори учебниците да бидат изработени, во овој период на распуст, како и за дел од стручнте струки во средното образование, рече Шаќири.

Во врска со грешките во учебниците, министерот рече дека очекува поголема внимателност од сите што се вклучени во процесот на одобрување и рецензирање, од Бирото за развој на образованието и од Националниот совет за учебници.

  • За грешките во учебници немаме некои санкции предвидени за автори кои дозволуваат да се провлечат во учебниците. Сум побарал од авторите колку повеќе грешки може да исправат, за следните учебници кои ќе се испечатат да бидат со што помалку грешки, одговори Шаќири.

Шаќири рече дека за оние предмети за кои има одобрено учебници, од 1 септември немало да има проблем. За оние неодобрените, ќе направат напори да се изработат.

Инаку, веќе заврши повикот за пријавување автори за изработка на нов учебник по Историја и општество за петто одделение, откако МОН донесе одлука да се повлече претходниот поради грешки и нелогичности во содржината. Шаќири рече дека се уште нема информација дали на повикот се пријавиле автори за нов учебник.

Ова нее прв пат учениците да се соочуваат со недостаток на учебници. Речиси секоја учебна година почнува без доволно учебници. Проблем се тендерите, фирмите, комплицираните постапки, и еден куп грешки во лекциите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста