Онишченко и дојавите за бомби на комисиска расправа во Собранието

Седницата на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР посветена на случајот Онишченко е завршена приказна ама јавноста никогаш нема да дознае поради какви и чии пропусти контроверзниот Украинец доби македонско државјанство. Директорот на АНБ даде отчет пред собраниската комисија но на затворена седница и ниту тој ниту претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов не одговорија дали ќе има одговорност и кој ќе ја понесе за пропустот бидејќи информацијата е на ниво на државна тајна.

Законска обврска е да реферирам за случајот „Онишченко“. Пред собраниската Комисија детално ги образложив фактите и аргументите и со оглед на фактот дека се работеше за сензитивна материја и за класифицирани информации не би можел да дадам повеќе детали за реферирањето, а сите одговори ќе ги даде претседателот на Комисијата и пратениците – изјави Зарко Милошевски.

Опозицијата изрази загриженост за моменталната состојба во АНБ и предупреди дека таму мора да има ред, професионализам и да биде вистински чувар на државата. Ако се суди според изјавата на претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов, нив им се врзани рацете за преземање какви било мерки во иднина. Тој најави дека до Владата ќе биде испратен извештај од Комисијата бидејќи таа ги именува директорите на Агенцијата за национална безбедност, без да соопшти какви било детали од седницата.

Во однос на случајот со Онишченко, денеска се појави директорот на АНБ, кој пред неколку дена се извини што претходно не можел да присуствува. Во нормална демократија, пратениците прашуваат, а директорите одговараат. Како членка на НАТО, транспарентноста кон народните избраници мора да биде на ниво и тоа не прави да бидеме демократска држава. Таа седница беше затворена на степен на државна тајна, највисок степен на доверливост – изјави Пренџов.

Денеска требаше да се одржи уште една седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, за тоа какви мерки презема Агенцијата во врска со дојавите за бомби но бидејќи и таа седница беше затворена за јавност Пренџов ја прекина, ценејќи дека нема поента да се одржува затворена седница за прашања кои ја засегаат целата македонска јавност.

Опозицијата му замери на владејачкото мнозинство и за вчерашната затворена седница на Комисијата за одбрана и безбедност на која се разговараше за дојавите за бомби по што ја напуштија собраниската сала.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста