Од штрајкот во ДИЦ засегнати 15 620 матуранти, апели да се најде решение за барањето на вработените

Штрајкот на вработените во Државниот испитен центар го прекина меѓународното истражување „Тимс“, во кое требаше да учествуваат вкупно 4.500 ученици од Македонија. Овој процес, во кој требаше да се види какви се знаењата на нашите ученици по предметот математика и по други предмети од областа на природните науки, е врзан со рокови и мора да се реализира до крајот на учебната година, додека се децата на училиште. Но, штрајкот за поголеми плати на вработените кој започна минатата недела го стави под знак прашање реализацијата на овој процес.

Освен за ова штрајкот на вработените го проблематизира и полагањето државна матура кое треба да се случи за помалку од еден месец, односно на 27 мај. 15 620 средношколци кои се пријавиле да полагаат државна матура треба да бидат тестирани по првиот екстерен испит – мајчин јазик и литература. Завршниот испит ќе биде неизвесен доколку повеќе од една недела трае генералниот штрајк, кој вработените во Државниот испитен центар го почнаа во вторникот.

Средношколците на кои им е потребен овој исклучително важен документ за продолжување на образованието на некој од универзитетите, се надеваат дека неизвесноста ќе заврши.

Истовремено, и претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ цени дека мора брзо да се најде решение, за да навреме течат сите рокови околу испитите кои практично треба да почнат на 27 мај, нагласувајќи дека зголемувањето на платите на вработените во Државниот испитен центар нема да му нанесе голем товар на Буџетот.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста