Од браќа до најголеми непријатели: Како се расипаа односите меѓу Македонија и Бугарија?!

Од браќа до најголеми непријатели. Приказната меѓу Македонија и Бугарија ниту малку не наликува на онаа романтична слика која ни ја продаваа политичарите. Источниот сосед кој денес ни е главна пречка на европскиот пат, требаше да биде поискусниот пријател, кој ќе не турне кон Европската Унија. Барем ако слушаме што ни кажуваа политичките лидери.

-Во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое лично име изразувам искрена благодарност до граѓаните на Република Бугарија, до мојот колега премиерот Бојко Борисов и до Владата на Република Бугарија за отвореноста да ни помогнат во остварувањето на стратешките евроинтеграциските цели и за можноста да градиме пријателство, изјавуваше Заев.

Попустливоста на македонските власти според многумина е главниот проблем во односите со Бугарија, попустливост која ја покажавме уште со самото прифаќање на договорот за добрососедство. А лажна европска слика добивме и од братот Борисов.

-На крајот седнавме, го направивме, го потпишавме, Парламентите го потврдија и тоа повлече нога како што кажуваме на бугарски, Македонија веќе има датум за Европската Унија, има покана за членство во НАТО, велеше Борисов.

Прифаќањето на се што Бугарија ќе побара стана пракса политичките лидери од земјава. Тоа можеше да се забележи од односите меѓу самите политичари.

Сепак убавиот романтичен филм меѓу Софија и Скопје, како одминуваше времето стана тажна љубовна приказна. Најдобриот пријател ни стана најголем непријател и блокатор на македонскиот европски сон.

-Ако некој отстапи од тој документ, при секое поглавје Бугарија може да го блокира. Затоа, како што им реков, зависи од вас. Нашето пријателство и братство, кога требаше да им дадеме поддршка – го покажавме. Ние кажавме какви се нашите услови, за да бидат примени во Европската Унија, велеше Борисов.

Бугарските уцени и условувања ни го донесоа и францускиот предлог, кој премиерот Ковачевски го славеше како победа, а при неговото потпишување од официјална Софија добивме порака дека не ни го признаваат македонскиот јазик.

-Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик, ни порача Генчовска.

Иако во Собранието со кренати раце го прослави францускиот предлог, подоцна и премиерот Димитар Ковачевски ни ја кажа тажната вистина, преговорите со Бугарија биле како некој да не боде со нож во стомак.

-Јас бев дел од преговорите со Република Бугарија. Тие преговори за мене и за граѓаните на Македонија предизвикуваат чувство, јас го имав тоа чувство и го делам чувството на граѓаните како некој со нож да ви со сече стомакот, изјави Ковачевски.

Односите со Бугарија ја расипаа и љубовта на Пендаровски, источниот сосед според неговата најнова реторика ни стана непријател од каде политичари треба да бидат прогласени персона нон грата.

-Мојот предлог до Владата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во земјата да му забранат влез на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава, изјави Пендаровски.

Според познавачите главен виновник за ваквите односи со Бугарија е македонската власт и нејзината попустливост. Првата и најголема грешка е што сме го прифатиле договорот за добрососедство во таа форма, а втората што Ковачевски прифати Бугарите да влезат во македонскиот Устав, иако оваа тема е и повеќе од сензенитивна за граѓаните.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста