Одложена седницата на Судскиот Совет на која требаше да се избере наследникот на Дамева

Старо-нови калкулации по втор пат го пролонгираа изборот на претседател во Советот кое се ослободи по разрешувањето на Весна Дамева. На половина час пред да се оддржи веќе одложената седница, Судскиот Совет извести за ново презакажување за избор на нов претседател, но за кога не се знае. До тогаш со највисокото тело во судската власт ќе раководи заменикот Селим  Адеми.   

Судскиот совет на Република Северна Македонија  известува дека  439-та итна седница која беше одложена за ден 02.05.2023 година (вторник) во 11:00 часот се одлага.

За денот и часот на одржување на седницата дополнително ќе биде објавено соопштение“.

Официјални причини, Советот не наведе, но за јавноста е повеќе од јасно дека не е обезбедено потребното мнозинство за избор на прв човек на Советот.

Заменик – претседателот закажа и нова седница, но беше одложена поради неприсуството на еден од членовите – Мирјана Радевска Стефкова, која не присуствуваше ниту на седницата за разрешување.

Сега, се шпекулира дека наследникот на Дамева треба да биде Сашко Георгиев, но за тој да биде избран прво треба да има согласност помеѓу членовите на Советот, па потоа да може да го изгласаат пред јавноста.

Делбата во Судскиот Совет беше и повеќе од јасна откако само неколку членови гласаа за разрешувањето на Дамева и му дадоа поддршка на Адеми, односно Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска. Од истите колеги Адеми доби поддршка и да ја одложи претходната седница.

„Сè што не е забрането со Устав и закон е дозволено“ – вака Адеми го коментираше разрешувањето на Дамева, кое според правната фела не е предвидено во законот за работа на Советот.

„Нека излезе секој професор, кој било експерт, нека каже кој член од законот е прекршен. Јас, искрено, се согласувам со она што го кажаа дека ова прашање треба да се регулира. Во закон не е предвидено како се разрешува и дали може да се разреши претседател на Судски совет, но сè што не е забрането со устав и со закон е дозволено“, кажа Адеми за „Порталаб“.

Пред само пет дена, меѓучовечките односи како точка на дневниот ред за работа на Советот доведоа досегашната претседателка Дамева да биде разрешена по иницијатива од нејзиниот заменик Адеми.

Но, не само разрешувањето, и доаѓањето на претседателската функција на Дамева беше гласно. Таа стана член на Советот по предлог на претседателот Пендаровски, а јавноста остро реагираше откако виде фотографија на Дамева со екс лидерот на Социјал-демократите, Зоран Зев како дел од правната комисија на партијата.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста