Одземена лиценцата на ТикТок анестезиологот, нема да може да работи 7 години, на потег е обвинителството

Анестезиологот тиктокер остана без лекарската лиценца. Судот на честа при Лекарската комора одлучи д-р Ваљтон Дервиши 7 години да не врши дејност.

“Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на Лeкарската комора како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика“, велат од Лекарската комора.

Според информации на Алфа, доктор Дервиши воопшто не се жалел на обвинението од судот на честа при Лекарската комора односно во седумте дена кои му беа дадени да се жали на обвинението, не постапил.

Другиот случај од здравството кој ја вознемири јавноста –за родилкатата која го загуби бебето кратко по породувањето во битолската болница. 10 дена поминаа а извештајот од стручната комисија го нема. Министерот Меџити вели дека ќе биде објавен најдоцна до среда.

“До четврток законски поминува рокот. Како што сум известен, едната докторката што била инволвирана била на пат, ја чекале неа да се изјасни за настанот. Мислам дека најдоцна до утре или задутре ќе имаме извештај од стручната комисија во врска со родилката и бебето кое, за жал, почина – рече Меџити.

Претходно ДСЗИ констатираше пропусти и најави прекршочни пријави за гинекологот, директорот и установата. И младата жена која остана без новороденчето на социјалните мрежи ја сподели голготата низ која поминала обвинувајќи за непрофесионалност, ривалство и дрско однесување на доктори во Клиничката болница Битола. И за овој случај како и за малата Јана обвинителството се уште ги чека обдукциските наоди.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста