Објавен листот хартија кој ја разниша бугарската Влада: Петков со пенкало си направил план како да ја деблокира Македонија, Радев дециден дека ветото мора да остане

Една од клучните работи на кои мора да опстои климавата Влада во Бугарија е блокадата за Македонија на европскиот пат, порачува бугарскиот претседател. Коментирајќи ја политичката криза кај источниот сосед, која дојде со одлуката на Слави Трифонов, да ја напушти владината коалиција, Румен Радев порачува дека справувањето со економската состојба и црвените линии за Македонија, се клучни цели додека Петков бара начин, како да си ја спаси Владата.

-Додека партиите го бараат формирањето на владејачко мнозинство, Кабинетот треба да ги осигура социјалните плаќања и  поддршката за бизнисот, да опстои ветото за Република Северна Македонија, во согласност со рамката на консултативниот совет за национална безбедност и да го осигура функционирањето на државата, изјави Радев.

Додека пораката од Румен Радев и од речиси целата бугарска политичка сцена е јасна, пратеникот на Има Таков Народ, Станислав Балабанов, објави лист хартија, на кој тврди дека Кирил Петков рачно го напишал планот како да биде крената рампата за Македонија. Објаснува дека прво би била тргната блокадата, а потоа ќе требало да се исполнуваат условите. Вели дека со потегот да ја напуштат владината коалиција, спречиле продавање на државата.

-Изброил какви му се идеите, територијални претензии, второ архивите да ги отворат, трето претензии за малцинство, такво решение за Уставот. Ние сме говореле дека Уставот кога ќе се отвори, таму треба да не запишат како народ со исти права, не како малцинство, четврто историја, петто табли на споменици. Прво го креваме ветото, па потоа ги исполнуваме останатите услови. Така изгледа Бугарија која ќе беше продадена ако ние не ги преземевме тие решенија вчера, изјави Балабанов.

Партијата БСП порача дека остануваат во Владата и му даваат поддршка на Петков, но и тие порачаа дека за нив црвена линија преку која нема да поминат е македонската блокада. Пратеникот Александар Симов, вели дека на листот кој го објавил Балабанов, не видел ништо толку спорно.

-Ние јасно кажавме темата Северна Македонија и кревањето на ветото е наша црвена линија. Јас не видов на ливчето нешто толку осудително, Кирил Петков водел некакви разговори, се гледа меѓународниот притисок врз Бугарија е огромен на таа тема. Но, точно поради тоа сметам дека темата е доста критична и јас  не гледам кој со здрав разум би направил по тој начин, по кој ИТН тврди дека Кирил Петков го замислил, изјави Симов.

И покрај тврдењата дека бил подготвен да ја крене блокадата за Македонија, Петков тврди дека за такво нешто Македонија мора да ги исполни трите основно барања на Бугарија. Прифаќање на бугарската рамка, која едногласно беше усвоена во тамошниот Парламент, вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија и исполнување на договорот за добрососедство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста