Образовните установи во Штип имаат доволно нафта за грејната сезона

Исклучување на радијаторите во училниците, нема да има.   Обезбедени се доволно количини енергенси  и грејната сезона во училиштата, градинките и другите институции кои се под локално ниво, може да почне. Штипскиот градоначалник го најави почетокот на новата грејна сезона, за кој се стравува дека во целост ќе ги испразни општинските, но и семејните буџети. За да се обезбедат доволно средства за затоплување и осветлување , ставките за непродуктивни трошоци се замрзнати.

Нема да има промена во временскиот период за затоплување на овие институции, туку со намалувањето на другите непродуктивни трошоци обезбедивме доволно средства за набавка на енергенсите и нафта за затоплување на овие институции кои се под локалната самоуправа
– изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.


Позитивен сигнал во целата оваа ситуација е тоа што и училиштата, како и јавните претпријатија се предвидува бидат ставени на регулиран пазар,  односно нема да користат индустриска струја. Ова не значи дека ќе се намалат сметките, туку ќе може да се планираат предвреме, објаснува Јорданов..
 
Добро е тоа што ЈП„Исар„од наредниот месец ќе биде на регулиран пазар, па ќе може да ги предвидеме трошоците за електрична енергија. Ќе може да ги предвидиме средствата коишто Општина Штип ќе ги префрла како субвенција на јавното претпријатие за истото да остане во функција и да биде сервис на граѓаните. Огромни се трошоците што ги даваме за покривање на обврските од минатото, за плаќање на камати, но и за електрична енергија
изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.


Училиштата и јавните претпријатија да се стават на регулиран пазар, е барање кое градоначалниците откако почна кризата, неколкупати го упатија до власта. Високите сметки за електрична енергија во некој комунални претпријатија достигнаа двоцифрени милиониски суми и го проголтаа целиот месечен приход.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста