Облачното време и малку пониските температури го фрлија на колена македонскиот енергетски систем

Го снема сончевото време, крахираше енергетскиот систем.  Најавите дека ќе се задоволат потребите на малите потрошувачи и домаќинствата со  домашно производство со тоа што ќе се стават сите капацитети во функција паѓаат во вода.  Исклучен од мрежа поради ремонт е ТЕЦ Осломеј, а поради дефект на трансформаторот и ТЕЦ Неготино, а третиот блок на РЕК Битола уште не проработе,  поради комплициран транспорт на трансформаторот.

Наместо домашно производство, ЕСМ за една недела ќе потроши над 8 милиони евра за набавка на електрична енергија, а Владата покрај уверувања дека се ќе биде во ред сега прави и маркетиншки трикови,  па секој ден популистички кажува колку струја произвеле државните електрани. Во текот на вчерашниот дел половина од струјата е увезена

АД ЕСМ на 21.11.2022 година произведe 8.529 MWh електрична енергија. Во Термоелектраните произведени се 7.320 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 1.209 MWh. Во изминатото деноноќие ЕСМ набави 4.580 MWh електрична енергија.

Ама Министерот за економија не пропушти да се пофали дека функционирал неговиот план за штедење.  Во државните институции се заштедило 24 % елеткрична енегрија, значи ем штедиме, ем купуваме.

Бектеши уверува дека сите капацитети ќе бидат ставени во функција кога ќе се зголемела потрошувачката. ТЕЦ Неготино, конкретно не бил во функција зашто поскапо било да се набавува мазут за да проработи, отколку да се увезува струја. Навремено не набавивме енергенси, па  сега Владата преку виши сили чека да падне цената на берза за да го вклучи ТЕЦ Неготино во мрежа.

Да даде Господ да се намалат цените на дериватите за да биде поекономски исплатливо да работи ТЕЦ Неготино, секако ќе се вклуќи во мрежа. Можам да им кажам на граѓаните , на компаниите да бидат спокојни во Македонија се е под контрола во континуитет ќе бидат снабдувани со електрична енергија потрошувачите, рече Министерот за економија Крешник Бектеши.

Неизвесноста е и во испораката на топлинска енергија, гас има за уште 8 дена, а што од 1 Декември се уште не се знае. Топланите Исток и Запад се подготвуваат за работа на дизел, што всушност може да биде алтернатива само доколку нема гас, а не доколку цената е скапа.

Дека струја и греење ќе има за секој еден граѓанин стана како мото на Владата, само никако да слушнеме конкретни чекори. Министерот за економија најави нови мерки, ама од 1 јануари кои главно ќе биле насочени за граѓаните и компаниите кои се на регулиран пазар како мали потрошувачи.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста