„Обединети во слободата“ – државниот врв ја одбележа 31 годишнината од независноста на Македонија

„Единството е клучниот предуслов за успех, а за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста за општото добро“ – порача претседателот на Македонија Стево Пендаровски по повод големиот празник, денот на независноста. Шефот на државата потсети дека на 8 септември 1991 година користејќи го сувереното право на самоопределување прогласивме независна држава и се вклучивме во културниот натпревар меѓу народите.

Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес сам по себе не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели, нагласи Пендаровски.

Власта ја одбележува 31-вата годишнина од независноста под мотото „Обединети во слободата“. Државниот врв го започна чествувањето изутрината кога делегација предводена од претседателот на Владата положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски. Цвеќе положија и делегации на кабинетите на претседателот на Пендаровски и собранискиот спикер Џафери, на Сојузот на Борците, дипломатскиот кор како и претставници на политичките партии.

 Делегацијата на премиерот, присуствуваше и на церемонијата на одликување со ордените „8 септември“ во вила „Водно“.

„Историјата не учи дека за секој важен чекор напред, е потребно обединување“ – порача Димитар Ковачевски.

Го дочекуваме овој голем државен празник, обединети во едно, заедничко општество дома, како достоинствена членка на НАТО и идна членка на Европската Унија на меѓународен план. Интеграциите се битката на нашата генерација. И затоа повикувам Обединети во слободата да ги продолжиме перспективите. Историјата учи дека за секој важен чекор напред е потребно обединување. Граѓаните Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Роми, и сите други, на историскиот референдум на 8-ми септември, 1991-та година, во огромно мнозинство, сплотени, независно од етничките и политичките различности, одлучија да живеат во независна држава – порача премиерот Димитар Ковачевски.

Централната прослава во организација на Владата ќе започне во 19:30 часот на платото кај паркот „Ибни Пајко“. Планирани се изведби и музички солистички нумери од познати пејачи и групи, а ќе присуствуваат и претставници на дипломатскиот кор, стопанственици, претставници на граѓански организации, соработници.

„После 31 година и поминати голем број на премрежја, предизвици, падови одново се наоѓаме пред крстопат и нови предизвици“ – порача претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата Денот на независноста на Македонија го одбележува во Смилево каде ќе се одржи Прва годишна конференција на Унијата на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Чувајќи ја традицијата создаваме иднина.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста