Обврската за тргање на таблите од веќе избришаниот бугарски клуб во Битола, останува енигма

Кој е одговорен за тргање на таблите од веќе избришаниот бугарски клуб со името на докажаниот соработник на фашистите „Ванчо Михајлов“?! Одговорот на ова прашање, по речиси три недели од затворањето на Клубот, како да се претвора во одговор од милионска вредност. Откако Пазарниот инспекторат, одговарајќи на прашање на Алфа уште пред десетина дена, се прогласи за ненадлежен, отстранувањето на таблата, останува енигма дури и за Комисијата за заштита и спречување на дискриминација.

Ќе има ли институција во овој систем што едно згаснато здружение ќе натера да ја повлече таблата, а која според мислењето на Комисијата, генерално беше главниот елемент на вознемирување, извршен кон македонскиот народ“, прашува претседателката Весна Бендевска.

Прашавме и во општина Битола. Но и оттаму креваат раменици. Велат дека нив никој ништо не ги прашал ниту кога се поставувала таблата, ниту пак сега некој побарал или пак им наложил да ја отстранат. „Се интересираат и дипломати кои доѓаат во Битола, но и ним им кажувам дека тоа не е во наша надлежност“, ни изјави за Алфа, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Затоа пак, ваквата незаинтересираност или пак, намерното непостапување на институциите, натера еден битолчанец правдата да ја земе во свои раце и со црн спреј да го покрие името на Ванчо Михајлов.

Министре Спасовски, конечно моравме ние во Битола да го избришеме името на фашистот бугарски кој направи омраза на нашиот народ македонски со бугарскиот народ. Се надевам, натаму нема да дозволите крвнички имиња“, напишал тој во својата објава.

Од друга страна, според Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, Клубот „Иван Михајлов“ бил регистриран на адреса вна периферијата од Битола, а Здружение со име како на таблата која е поставена на објектот во центарот на Битола – „Клуб Ванчо Михајлов ВМРО“, не постои.   

Инаку, минатата недела, во Основниот суд во Битола беше прекината прекршочната постапка против бугарскиот Клуб и неговиот претседател Љупчо Ѓорѓиевски, бидејќи Основно јавно обвинителство поведе кривична постапка против Ѓоргиевски за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Одбраната на Ѓорѓиевски пак, најави дека правдата ќе ја бараат во Стразбур. 

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста