Нов скандал во Белград: Поранешна ученичка со нож нападна ученик и професорка во средно училиште

Со кујнски нож поранешна ученичка повредила 16-годишен ученик во приватното училиште „Руѓер Бошковиќ“ во Белград. Настрадала и една професорка која се обидела да ја спречи во нападот, пренесуваат српските медиуми. Напаѓачката, која самоиницијативно се отпишала, повеќе не учи во ова училиште. Ни ученикот, ни професорката, не се сериозно повредени.

Полицијата е на терен, а според првичните информации, девојчето е уапсено и приведено, пренесува „Танјуг“. Училиштето е евакуирано, а на терен се силни полициски екипи и екипи на итната медицинска помош. Пред училиштето шокирани родители ги чекаат децата. Тие се тресат и плачат, пренесуваат српските медиуми.

  • Ми се јави син ми и ми рече веднаш да дојдам на училиште, дека во училиштето има повеќе од 20 полицајци, дека од другарка слушнал оти девојка избола професорка по историја, а потоа почнала да брка другар“, вели една мајка.

Во меѓу време, лажна тревога и во Обреновац. Ученик од основното училиште „Јефимија“, пробал да го изимитира масакрот во Врачар, вадејќи пластичен пиштол и вперувајќи го во учениците.

Инцидентот се случил, по утринскиот едноминутен молк за настраданите. Наставничката ги оставила децата во училницата и отишла да провери дали сите влегле за да го започнат часот, а тогаш ученикот го извадил пластичниот пиштол и му го покажал на друг ученик. Училишниот полицаец веднаш реагирал. Децата се исплашени, а едно од момчињата со неговиот родител се однесени на разговор во полиција.

Паралелно, потресните случувања не застануваат тука. Младо момче од Бихаќ на „Инстаграм“ се закани дека ќе изврши масакр сличен на оној што вчера го потресе Белград, пренесуваат медиумите во регионот. Тој на својот Инстаграм-профил напиша дека ќе ги убие учениците и наставниците во економското училиште.

  • Тоа момче што уби осум деца за мене е крал! Долго време подготвував такво нешто за економското училиште во бихаќ. ќе биде незаборавен масакр на Бихаќ, ви се колнам со мојот живот, напиша тој и додаде: Кога веќе сите знаете дека ме осудувате и избегнувате, тоа би било терор.

Според првичните информации, полицијата ја потврдува информацијата, а информирано е и српското обвинителство. Се работи за лице што ѝ е познато на полицијата, а од таму не знаат колку години има, но се сомневаат дека и тој е малолетник.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста