Нов притисок од Бугарија: Захариева турка нова декларација за Македонија

Нова декларација за Македонија во бугарското народно собрание. Тамошната комисија за надворешна политика, предводена од потписникот на првото бугарско вето, Екатерина Захариева, предложи документ во 8 точки и со цела серија барања, приговори и негодувања кои се однесуваат на внатрешните работи на Македонија.

Во наративниот дел, повикувајќи се на европски вредности, Бугарија ќе бара од Македонија да ги почитува принципите од повелбите за човекови права на обединетите нации, а воедно ја повикуваат Македонија да се воздржи од одлуки и дејствија кои сериозно ќе ги нарушат односите меѓу двете земји и нивните граѓани.

  • „Противење на измените во Законот за здруженија и фондации од 2022 година, кои го дискриминираат и намерно го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија. Овие промени може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања формирана со договорот од 2017 година за одредени периоди и лица.“ – Пишува во точката 6 од документот.

Во 8 те точки од кои се состои декларацијата, дел се декларативни, но други пак, содржат суштински елементи. Помеѓу суштинските, се наоѓа и обвинение дека Македонија не го спроведува договорот за добрососедство и пријателство, кој инаку е интегриран во нашата преговарачка рамка со Европската Унија.

  • „Приговор на трајно неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“ – Пишува во точката 4 од документот.

Во декларацијата јасно и недвосмислено предупредуваат дека доколку бугарско малцинство во Македонија не влезе во уставот, се става во прашање преговарачкиот процес со Европската Унија кој е во фаза на скрининг. Па се поставува прашањето, дали со овој документ, Бугарија бара оправдание за ново вето за Македонија?

По декларацијата, се јави и потписникот на добрососедскиот договор, поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов, кој вели дека постои обид Македонија да се вратела под руско влијание.

  • „Овде гледам обид за враќање на Северна Македонија под руско влијание, намерно, и тоа се прави многу активно. Во никој случај не треба да бидат заведени. Најдоброто нешто за Бугарија е Северна Македонија и Албанија да бидат во Европската Унија и НАТО“ – Изјави Борисов.

Оттаму ја правдаат декларацијата со ескалација на анти-бугарски манифестации во Македонија. Нацрт-документот во најголем дел се фокусира на тепачката во Охрид, етничка омраза против бугарите, како и доследното спроведување на серијата билатерални протоколи и документи кои добија македонски параф. Декларацијата веќе го мина првиот филтер, комисијата за надворешна политика, по што се очекува да се дискутира и гласа на плнерна седница. Доколку тоа се случи, нејзината содржина ќе стане и официјален став на Република Бугарија.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста