Ново неисполнето ветување кон оризарите – нова најава за протест

Итна исплата на 3-те денари за предадени килограм арпа во 2022, во спротивно блокадите на регионалниот пат Штип-Кочани повторно ќе се активираат, децидни се оризопроизводителите. Најавите за нови протести следуваат откако како што велат, власта не си остана на зборот и парите од интервентна мерка не легнаа на нивните сметки, како што им било и ветено до 31март.

„Од дополнителните 3денари од ковид мерката по кантарна белешка, колку предадено толку треба да се исплати, за жал нема ништо. Уште една лага – 15 јануар, 15 февруар, 31 март – од тоа нема ништо. Тие 3денари во овој момент ни се толку неопходни за да можеме нормално да ја завршиме припремата за новата сеидба на ориз„ изјави Здравко Арсов од Иницијативниот одбор.

Во меѓувреме земјоделците почнаа со подготовка на нивите.  Првичните планови се намалување на површините за 1.000 хектари од лани. Тоа значи дека поради сушниот период, со ориз ќе бидат посеани 2.500 хектари, информираат од Водостопанство-Брегалница. Промена на ситуацијата ќе има доколку зачестат врнежите од дожд. Брана Калиманци е полупразна и во моментот во неа е акумилирано 81 милион метри кубни вода, што е за 35% помалку од лани. Но не само водата, проблем за оризопроизводителите е и високата цена на репроматрејалите и производната цена..

Пред сеидбата бараме да се утврди оправдана економска цена. Тоа значи, ако 30 денари е производната цена, требат 40% повеќе, за да имаме пари за репродукција и за живот„ изјави Здравко Арсов од Иницијативниот одбор.

Според планот на Водостопанство со испуст на проточните води во одредени места за наводнување на оризовите полиња се планира да се стартува од 5 до 8 април, а до крајот на месецот да се активира и водата од хидросистемот, но тоа ќе зависи  од временските услови. Идентична ситуација во браната Калиманци имаше и во 2017 година, кога поради екстремно сушната година, беа направени големи рестркции на оризовите површини.

Александра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста