Нови македонски позиции: Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент и Свети Наум веќе не се дел само од македонската историја, сега се и од бугарската

Цар Самоил, светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум повеќе не се само македонски историски личности, сега се и бугарски, но и регионални и европски. Ова е новата официјална историографска позиција на Македонија по состаноците на заедничката историска комисија со источниот сосед, а ни го соопшти шефот од македонска страна Драги Ѓоргиев, заедно со своите колеги. За Цар Самоил се наведува дека дека историската наука го смета за цар во Бугарското царство.

-Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја, којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија, се вели во протоколот.

За светите браќа Кирил и Методиј се наведува дека нивнот дело е развивано во тогашна бугарска држава.

-Делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на Св. Кирил и Методиј, се вели во протоколот.

Истото се наведува и за Климент и Наум.

-Преку преводите на богослужбена литература и химнографските творби што ги создал, како и благодарение на неговата учителска дејност, се подготвени многубројни ученици. Тоа го прави една од најважните личности за културата на денешните Република Северна Македонија и Република Бугарија. Сето тоа им дава основа на двете држави да го негуваат споменот за делото на Св. Климент преку заедничко одбележување при соодветни поводи, се вели во протоколот.

-Просветителското дело и придонесот на Св. Наум за развојот на писменоста и културата на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, им даваат основа на двете земји да го негуваат споменот за неговото дело, преку заедничко одбележување при соодветни годишнини и јубилеи, се вели во протоколот.

Постигнат бил договор за нивно заедничко чествување, бидејќи не сме можеле да сметаме на ексклузивитетот дека тие биле само наши. Покрај тоа постигнат бил договор и за менување на учебниците по историја во шесто одделение кај нас и во петто во Бугарија, а блиску биле до договор и за учебниците во седмо кај нас, а шесто во Бугарија. Сепак детали што  ќе се менува во учебниците, пред се во делот на Цар Самоил историчарите не откриваат.   

-Објавени се и препораките за заедничко чествување на ликови од средниот век, односно тоа се светите браќа Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил. Значи тоа се текстови за заедничко чествување кои се заеднички и македонската верзија и бугарската верзија, изјави Ѓоргиев.

Сепак јасно е дека ова е полесниот дел од работата на комисијата, проблематичните моменти тек доаѓаат, а тоа се разговорите за 19-от и 20-от век. Илинденскиот период, посебно проблематичниот Делчев, соработката на Бугарија со нацистичка Германија, факт кој Бугарите не сакаат да го признаат, а е болен за Македонците. И самиот Ѓоргиев вели дека до договор за овие теми можеби и нема да дојде.

– Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период околу кој ќе дискутираме, дискусиите ќе траат. И во крајна линија доколку ние се договориме, ќе го презентираме, ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските решенија кои што посојат меѓу македонската и бугарската историографија, изјави Ѓоргиев.

Промените во учебниците за Ѓоргиев не се промена на историските факти, туку промоција на образование кое нема да биде основа за манипулација на младите. Се пожали дека македонските историчари досега се соочиле со обвинувања од бугарските колеги со политички речник, а речиси истите обвинувања можеле да ги забележат и во македонската јавноста.

Ова е прва средба на македонските историчари од комијата по објавувањето и прифаќањето на францускиот предлог и спорниот протокол, со кој историјата стана услов за напредокот на Македонија кон Европската Унија. Со истиот протокол историчарите добија рок до 17-ти август да го објават извештајот од досега сработеното.ѓ

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста