Новите министри тотални анонимуси – како се бираат, по квалитет или по партиска послушност?

Дипломат предложен за министер за правда,  инженер технолог – министер за животна средина, новите предлог министри бирани по квалитет или партиска послушност? Влезот на партијата на Таравари, владата на Ковачевски скапо ја плати, па Алијанса доби 4 министри и 5 заменици, дел од нив тотални анонимуси за јавноста.

Кои се предлозите на Таравари кои треба да бидат изгласани во Собранието?

Главното столче во министерството за правда би му припаднало на Кренар Лога, кој е дипломиран правник и магистер по дипломатија, Лога кој бил советник за правни работи во општина Струга, треба да биде замена за Никола Тупанчевски, сегашниот министер кој е долгогодишен универзитетски професор.

А новата предлог минситерка за животна средина Каја Шукова, која по професија е инженер технолог, ќе седне на фотељата на Нуредини. Името на Шукова ретко кој од граѓаните го чул, таа својата позиција како државен секретар за животна средина и просторно планирање, ќе ја напушти и ако ја изгласа Собранието ќе стане прв човек на ова министерство.

Докторот Беким Сали ќе треба да се збогува од министерството за здравство, на негово место би дошол повторно доктор,Фатмир Меџити кој е специјалист по евролог на универзитетската клиника за Неврологија во Скопје. Пребарувањата на интернет за Меџити не даваат податоци за неговата работа и биографија.

Местото на министерот за информатичко општество Алити, би го земал неговиот колега професор на тетовскиот универзитет Азир Алиу. Неговото работно искуство е во областите на компјутерска архитектура, оперативни системи, контролни системи, машинско учење, мултимедија системи, вештачка интелигенција и друго.

Со реконструкцијата се опфатени и заменици министри во ресорите одбрана, правда, земјоделство, образование и здравство. За заменик министер за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците, а од редовите на оваа партија е и Вјолца Бериша за заменичкото место во земјоделство, шумарство и водостопанство. Предлог на Ковачевски за заменик министер за правда е Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ, за здравство Маја Манолева, а за образование и наука – Агим Нихиу од ДУИ.

Предлог имињата на дел од замениците министри веќе се најдоа на тапет кај опозициските партии кои тврдат дека дел од нив имале матно минато или пак функцијата ја добиле бидејќи имале блиска или роднинска врска со актуелни, односно поранешни функционери од владата на Ковачевски.

Meри Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста