Новиот забавен парк за скопјани останува само сон – Зошто проектот никако не се реализира?!

Како изгледаше Скопје во 70-тите години, а како Скопје изгледа денес. Од некогашно место за забава, до најголемо ругло денес, во зеленото срце на македонската метропола. Некогашното место каде израснаа и се забавуваа десетици генерации, повеќе од деценија е оставено во заборав. Скопскиот Луна парк некогашната главна атракција и натаму е само сеќавање за некои минати поубави времиња.

Она што се затвори, требаше одамна да стане ново и модерно. Но уште во старт, работите заглавија. Коце Трајановски го почна, Петре Шилегов го заборави, а Данела Арсовска  целосно го запостави проекто за луна паркот.

Ако се суди според досегашното искуство, најверојатно ниту годинава забавниот парк нема да проработи. Иако градоначалничката Данела Арсовска откако дојде на фунцкија најави дека луна паркот ќе биде пуштен во употреба со 7-те реквизити набавени уште во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски, до денес нема ништо од тоа.

Запоставен и обраснат со трева, вака сега изгледа во Луна Паркот лоциран во Градскиот парк. Надлежните велат дека ќе проработел, но кога и тие не знаат.

Граѓаните се жалат дека Скопје нема места за забава и со душа чекаат место за рекреација, посебно за најмладите. Велат дека освен во Градскиот парк, децата немаат каде да ги однесат. Единственото забавно катче што сега Скопје го има е овој мал рингишпил со една вртелешка во Градскиот парк.

  • Ех, јас се сеќавам како беше во Скопје порано. Одлично, имавме места каде да се забавуваме, каде да излеземе, каде да прошетаме. Имаше забавни паркови, имаше убави места, а сега? Што има сега? Ништо. За жалење сме, градов не ни личи на ништо. Требаше нешто да се изгеади, почнаа да градат, но еве гледаме – ништо, катастрофа, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.

Најавата на градските власти по се изгледа ќе чека подобро време. Освем што ништо нее мрднато од мртва точка, туку и на терен не се работи ништо, односно не е почнато ниту партерното уредување. Просторот стои ограден, запуштен и обраснат.

Алфа писмено праша во Град Скопје како тече динамиката на подготовка на Паркот и кога граѓаните може да го видат, но од таму и по една недела, одговор нема.

Арсовска претходно кажа дека проектот е во завршна фаза и наскоро ќе почнело партерното уредување.

Инаку Скопје нема забавен парк повеќе од 7 години. Ексградоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функцијата го прекина проектот почнат од неговиот претходник Коце Трајановски, со образложение дека не бил добар и дека во Скопје наместо луна парк ќе се градел забавен парк, но сетоа тоа остана само на ветување.

Според проектот, забавниот парк треба да се димензионира за да опслужува околу 3.000 посетители дневно. Предвидено е поставување забавни реквизити од кои дел се адреналински, најголемиот број се за деца, а ќе има и неколку семејни. Во просторот треба да се предвидат и пропратни содржини како место за храна, фонтана, билетара, продавница за сувенири, тоалети. Сето тоа, според проекциите на Градот, би чинело околу 12 милиони евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста