Новинарските прашања се повеќе стануваат забранети- владина транспарентност само на фотографии и од владините усти

Изјава не е предвидена или не се предвидени новинарски прашања. Вака се почесто изгледаат поканите од владините функционериза јавни настани. Доаѓаат покани да проследиме настан и да слушнеме што имаат да си кажат и да се пофалат. Но прашањата и одговорите кои јавноста ги бара преку новинарите, немаме можност ниту да ги поставиме. Последен случај е настанот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, каде јасно се кажува дека изјава од првиот полицаец не е предвидена.

-Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и командантот на ЕБР, Вице Столески, ќе се обратат на свечена цереномија по повод одбележување на Денот на формирањето на ЕБР… изјава не е предвидена, стоеше во најавите на настани кои МИА ги праќа во медиумите.

Дури и кога се дозволени прашања, тие најчесто завршуваат кај одбрани медиуми кои секогаш ја добиваат можноста, за оние покритички настроените најчесто нема време.

Слично како и ПР службите на Владата и МВР и онаа на МНР, некогаш не е расположена за прашања за Бујар Османи и неговите гости. Таков беше случајот при последната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас. Па не можевме да добиеме одговори на многу прашања околу имплементацијата на Преспанскиот договор, пред се од грчка страна.

-Поради кратката агенда на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, нема да има простор за новинарски прашања, ни кажаа од МНР.

Иако министерот за надворешни работи секоја недела одржуваше брифинзи пред прифаќањето на францускиот предлог, сите детали за содржината ги добивме од властите во Софија. Тој дури го криеше протоколот и по неговото прифаќање иако претходно со денови велеше дека ќе биде објавен, дури кажуваше и конкретни денови.

Лажната транспарентност на власта не запира овде. Дури и кога ќе добијат конкретно поставено прашање, одговор најчесто нема односно е само форма и зборови без суштина. На пример, на прашањето на Алфа каде се дел од експонатите од Археолошкиот музеј писмениот одговор оттаму беше дека имале административни проблеми, без никакво објаснување.

На прашањето зошто нема термини за здравствен преглед во „Мој термин“ одговорот оттаму беше цитат од законот и правилникот за нивната работа, а одговорот од Министерството за здравство се состоеше во фалба дека ќе вработувале нови специјалисти.

Сето ова го прави власта која инаку се фали дека била најтранспарентна во регионот. Сепак, ваквите чекори не го покажуваат тоа, иако самиот премиер Димитар Ковачевски се фалеше дека постоел план како транспарентноста да стане начин на политичка култура на однесување. Дури беа споменати и медиумите, кои последниов период се поретко имаат шанса да постават новинарско прашање.

-Во новиот национален акциски план се фокусираме на заложби кои ќе водат кон унапредување на транспарентноста и отчетноста, борбата против корупцијата. Сето ова коешто го кажав тука пред вас денеска, Владата го прави во интерес на граѓаните, во интерес на медиумите, во интерес на граѓанското општество. Со ова, ние ги поставуваме стандардите на владеење и стандардите на политичко однесување, велеше изјавата на Тупанчевски.

Имало и случаи каде на настани воопшто не биле канети новинарите, туку владините функционери си ги користеле своите камери, па праќале видео материјали до медиумите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста