Нова жетва на оризот, со старите проблеми

Почна жетвата на ориз во кочанско, ама пак со старите проблеми. И оваа есен земјоделците ќе ги жнеат полињата, без да спечалат нешто. Моменталната откупна цена од 22 до 25денари, не е доволна за да се покријат производствените трошоци.

Како  што сметам, според мене, до 30 денари ни се трошоците на килограм оризова арпа и сега каде ќе ни биде крајот. Ги наполнивме со пари земјоделските аптеки и сега да го дадеме на откупувачите по 25 денари, ќе го фрлам оризот, ќе го прежалам, ќе го истурам во р.Брегалница, ама по таа цена не им го давам-изјави Тодор Ристов, оризопроизводител од Облешево.

„Како може државата да си ги покачува другите продукти, а ова да остане по иста цена„-изјави Здравко Донев, оризопроизводител од Спанчево.

Годинава за околу 30 до 40% се зголемени трошоците за жетва. Првите полиња дадоа просечна реколта. Ова се должи на доцната сеидба, објаснуваат земјоделците.

„Имаше слана во месец септември и направена е штета на оризовите  површини„– изјави Стојче Ташовски, оризопроизводител од Облешево

За 11октомври оризопроизводителите најавија нови протести. Незадоволни се поради тоа што преговорите меѓу нив, министерството и откупувачите завршија без конкретни решенија.

„Разговаравме и преговаравме, но за жал, министерот и тие околу него, не сакаат да не слушнат, туку „топката“ ја префрлаат на откупувачите. Ние со откупувачите немаме што да збориме и тие беа на состанокот, но не се постигна никаква согласност„– изјави Здравко Арсов, Иницијативен одбор.

Последен пат земјоделците од кочанско протестираа минатиот месец. Тогаш за да се смират страстите и се стопират блокадите надлежните од ресорното министерство организираа неколку состаноци, а оризот доби утврдена производна цена во висина од 27денари, која за 2денари  е повисока од откупната цена. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста