Никој не ја „есапи“ изјавата на Вилма Русковска за политички притисоци врз правосудството

Никој ништо не презема за изјавата на Вилма Русковска дека претходниот состав на владата вршел притисоци за судски случаи. Адвокатот Александар Тортевски смета дека луѓе од претходната владина гарнитура се уште ги контролираат обвинителството и МВР.

  • Вилма изјави дека од претходната влада имала сериозни притисоци за одредени луѓе и предмети. Ако никој не презема ништо, а ова го изјавува шефот на одделот за организиран криминал, тоа значи дека луѓето од поранешната влада се уште ги контролираат врвот на обвинителство и МВР”, пишува Тортевски на „Твитер“.

За притисоците и влијанијата, Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски рече дека Русковска не се обратила до нив, а за тоа требало да достави докази за да можат да ја заштитат. По допрен глас, односно по изјавата на Русковска нема да постапуваат.

  • До нас можат да се обратат обвинителите во случај кога врз нив се врши притисок или бараат заштита. Советот ќе застане на страната на обвинителите, тоа е наша работа, но со конкретни укажувања и податоци. Медиумите не се местото каде што треба да се каже, треба нас да нѐ известат – рече Јолевски.

Од друга страна правната фела бара поголема транспарентност за случајот. Поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска очекува државниот обвинител Љубомир Јовески и Советот на јавни обвинители да ги споделуваат сите информации со јавноста, бидејќи се уште не се знае што содржела жалбата на Русковска.

  • Нити знам што е непрофесионалното однесување, ниту пак знам што е нејзината жалба, и што е аргумент за договорот на обвинителскиот совет. Затоа велам не постојат доволно факти и елементи за да давам таква оценка. Меѓутоа треба да се стрпиме да видиме што ќе излезе и која ќе биде транспарентноста на сите овие органи… – вели за Алфа, Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија.

Јовески, ја суспендираше Русковска на 16-ти овој месец, поради кривичната пријава од Арафат Муареми за претресот во Финансова. Русковска се жалеше до Советот на јавни обвинители, но тие и ја одбија жалбата бидејќи како што рекоа можела да влијае на постапката. Освен Русковска, Јовески поведе и дисциплинска постапка за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста