Никој не знае колку деца во земјава не одат на училиште

Не се знае колку деца во Македонија не се запишале во училиште и им е скратено правото на образование. Министерството за образование нема таква информација. Алфа ТВ се обиде да добие одговори од министерството, но оттаму не добивме податоци.ж

Државниот просветен инспекторат пак, има евиденција само за оние деца што не се запишуваат во прво одделение, но не и за вкупниот број на деца од шест до 18 години кои се надвор од образовниот систем. Инспекторатот има надлежност да следи кои родители не им овозможиле на децата да посетуваат училиште, па според податоците кои ги добивме од таму, од 2017 до 2022та година, во судовите поднеле вкупно 319 пријави за родители за прекршување на законот за задолжително образование.

Најмногу, односно 87 поднесоци во 2017та, а најмалку за време на пандемијата, во 2020та, кога поднеле само 7 поднесоци до судовите. Според региони, најмногу поднесоци од инспекторатот имало до битолскиот основен суд, а по него на листата се најдоа скопскиот и прилепскиот суд.

  • „Во периодот од 2017 до 2022та година, до судовите се поднесени
    – 118 до Основен суд Битола;
    – 83 поднесоци до Основен суд Скопје 1;
    – 53 поднесоци до Основен суд Прилеп;
    – 43 поднесоци до Основен суд Охрид;
    – 14 поднесоци до Основен суд Гостивар;
    – 2 поднесоци до Основен суд Ресен;
    – 1 поднесок Основен суд Струга;“ – Велат од Државниот просветен инспекторат.

Вишиот просветен инспектор во пензија, Ѓорги Илиевски појаснува зошто некои родители не ги запишале своите деца во училиште, иако основното и средното образование се задолжителни. Како главни причини ги набројува традиционалните договорени бракови на рана возраст, како работниот ангажман на децата.

  • Посебно женските деца, нешто во основните, а повеќе во средните училишта. Посебно женските од муслиманска вероисповед. Поретко ги пуштаат, ги користат за домашни потреби. Да бидат присутни во домот, уште владее она, патријахалното. Како да не му е потребно да оди на училиште. Имаме и ситуации каде што затајуваат и директорите на училиштатата и стручните служби кои што треба и тоа како да делуваат превентивно.“ – Вели просветниот инспектор во пензија, Ѓорги Илиевски.

Како честа причина тој смета дека е и донцењето на парите од централниот буџет до општините, кои се користат за превоз на ученици. Решението го гледа во постојана едукација на родителите преку ангажман на стручните служби во училштата и класните раководители. Вели дека просветните инспектори често им прогледуваат низ прсти на вработените во училиштата кои затајуваат во својата работа, а не ги пријавуваат.

Според податоците на државниот завод за статистика, за учебната 2021/2022 година, основно образование во Македонија посетувале 186 000 деца, со стапка на запишување од 96%. Но, во средно се запишелe 82%, односно 71 000 ученици.

Според информациите на меѓународната организација за децата, УНИЦЕФ, местото на живеење, семејните приходи и етничката припадност се главни причинители за тоа, зошто децата не одат во училиште. За време на пандемијата, тие прогласија „вонредна состојба во образованието на глобално ниво“, бидејќи една третина, односно најмалку 463 милиони деца во светот немале можност да учат од далечина.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста