Николоски објави делови од договорот со „Бехтел и Енка“ и ги демантираше Ковачевски и Груби

Ако до крајот на идната недела не се промени Законот за работни односи кој предвидува зголемување на работната недела,, Македонија ќе плати пенали во износ од 53 милиони евра. Ова може да се заклучи од документите кои опозицијата ги пласираше, како дел од договорот потпишан со „Бехтел и Енка“, каде власта се обврзала да донесе Закон по кој работниците ќе работат 12 часа дневно, пет дена во неделата. Според тврдењата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Законските измени морало да се донесат во рок од 45 дена по потпишувањето на Договорот, кое се случи на 8 март. Александар Николоски тврди дека Владата направила договор на непостоечки закони во Македонија.

Јавноста е најмногу разбранувана во понеделникот кога отворив дебата околу сознанија кои се покажаа како точни. Ќе објавам сега една страна од договорот. Она што го пишува на оваа страница досатвена до мене од свиркачи е следно. Ако сега станува збор за пет дена работа по 8 часа, овој договор предвидува пет дена по 12 часа. Поедноставено ако не се усвои закон за експлоатација и робовладетелство или ако работниците не работат како робови граѓаните ќе платат еднократно 53 милиони евра, или 2.165.000 евра секој месец, Согласно истиот договор Македонија ќе ги плати овие пари доколку законот за 60 часовна работна недела не се донесе во рок од 45 дена по потпишување на договорот со Бехтел и Енка. Пишува дека дури и да се донесе законот после овие 45 дена сумата од 53 милиони евра сепак ќе се плати“, рече Николоски.

Премиерот Димитар Ковачевски не одговори конкретно зошто Владата се обврзала на Законски измени, кога тоа е работа на Собранието. Oдносно кој ги овластил консултантите да преговараат договор кој носи низа обврски за законодавната власт, наместо да се изборат за фиксни рокови без да се менуваат законски решенија.

„Вие имавте вчера детален брифинг со институциите кои го подготвувале договорот врз основа на специјален закон предложен од пратеници во Собранието, тој закон е преложен од пратеници во Собранието и договорот е на над 400 страници. Со оглед на тоа што сè уште имате неразјаснети елементи во однос на договорот, тогаш јас го замолувам министерот за транспорт и врски да направи уште еден детален брифинг со медиумите на кој ќе можете пак да се информирате за сите детали. Уште еден детален брифинг нема да биде вишок со оглед на тоа дека гледам се повторуваат истите прашања кои вчера биле адресирани на брифингот и затоа министерот за транспорт и врски со членовите на управувачкиот комитет треба да направи уште еден брифинг“ рече премиерот Ковачевски.

Најавените законски измени за евентуално зголемување на работната недела наидоа на отпор од пратениците, невладините организации, синдикатите. Дебатата во Законодавниот дом  која изминатите два дена беше тензична ќе продолжи после велигденските празници.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста