Николоски во Брисел: Бугарија мора да ги почитува одлуките на Стразбур за правата на Македонците

Бугарија не ги почитува одлуките на Стразбур поврзани со Македонците во Бугарија. На Македонците им е забрането да го користат и да го учат својот мајчин јазик, ограничено им е на правото на собирање, како и учество на избори. Ова го кажа Александар Николоски потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ во своето обраќање пред Советот  на Европа. Тие гледаат надеж во 16 те пресуди од Стразбур донесени во нивна корист, потенцираше Николоски во Брисел. 

Овие пресуди мора да се спроведат! Националниот устав и судовите на Бугарија не можат да бидат над пресудите на Европскиот суд за човекови права. Кога домашните институции не успеаја да ги заштитат човековите права на Македонците во Бугарија, тие го гледаат Стразбур како своја надеж за почитување на основните човекови права, вели Александар Николоски, потпретседател  на ВМРО ДПМНЕ

Според Николоски човековите права во Европа не се тринасочна,  туку еднонасочна улица, а  националните уставни судови, како и Судот на правдата на ЕУ, мора да бидат во согласност со Европскиот суд за човекови права. Тој истакна на важноста домашните судови соодветно да се ангажираат со судската пракса на Европскиот суд за човекови права при примената на човековите права на домашно ниво.

Тој потсети дека во извештајот на Советот на Европа, јасно е напишано дека  речиси сите земји одговориле дека нивните судови се повикуваат на Конвенцијата кога одлучуваат за прашањата за човековите права, но не и Бугарија.

Николоски очекува од Советот на Европа да бара од Бугарија целосно да го прилагоди својот политички систем и истиот да биде во согласност со Европската конвенција за човекови права и да ги почитува правата на Македонците. Потпретседателот на ВМРП ДПМНЕ додаде дека Бугарите се многу гласни за случаи надвор од границите на нивната земја, но со години не спроведуваат ниту една пресуда на Судот од Стразбур.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста